Особено погоден е автопатот N3 што ги поврзува Јоханесбург и Дурбан, при што службите за итни случаи се обидуваат да стигнат до луѓето кои останале заробени во нивните возила во деловите каде што патот бил затворен. Некои ја поминале и ноќта во своите автомобили. Клучниот автопат на истокот на државата е еден од најтешко погодените, со затворени неколку делници и непроодни заобиколувања, рекоа властите.
„Сè уште нема детални информации за состојбата на дел од учесниците во сообраќајот кои ги зафати силен снег“, изјави управителката на Управата за наплата на патарините Тања Дугра.
„Службите за итни случаи работеа без престан во текот на ноќта. Тие се обидуваа да стигнат до што е можно повеќе учесници во сообраќајот“, вели Дугра.
Ќебиња и оброци се доставени до некои заглавени возачи, соопшти провинциската влада КваЗулу-Натал.
Камионите се паркирани на страната на патот од петокот, изјави претставник на Корпорацијата за управување со патниот сообраќај Сајмон Свејн за АФП: „Автобусите што патуваат меѓу провинциите се заглавени на бензинските пумпи околу седум часа“.
Мухамед Гулам изјави за Newsroom Africa дека ноќта ја поминал во автомобил со своите деца надвор од градот Харисмит, околу 270 километри југоисточно од Јоханесбург.
Бевме блокирани повеќе од 13 часа, бевме без храна. „Не би можеле да се спасиме без помошта на итната помош“, рече Гулам.
Во некои области снежната покривка е дебела и до два метра, соопшти претпријатието за безбедност на патиштата „Arrive Alive“.
„Се очекува повеќе снег, а во повеќе делови од земјата има портокалови предупредувања. Ова е екстремен случај“, рече прогнозерот на јужноафриканската метеоролошка служба Лутандо Масимини.
Далеку од подрачјата погодени од снег, оваа ретка појава привлече голем број луѓе да патуваат за да го видат снегот. Џастин Надасем Бејкер возел три часа од Јоханесбург со семејството до Варден.
„Возењето траеше три часа. Возбудени сме. Поминаа многу, многу години откако последен пат видовме снег“, рече Бејкер.
Извор: РТС