Снежна бура во Германија: Затворени училишта, откажани летови

Властите ги предупредуваат граѓаните да не излегуваат непотребно и да бидат особено внимателни поради ледените услови

Германија се подготвува за обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и бури, а делови од земјата веќе се погодени од снег и замрзнат дожд. „Обилни врнежи се очекуваат во големи делови од земјата од вечерва со 20 см нов снег во низините и замрзнат дожд“, соопшти Германската метеоролошка служба (DWD).

DWD зборува за „екстремни услови“ поради комбинацијата од бурни ветрови и снежни врнежи. Според Германската метеоролошка служба, временската состојба се должи на циклонот „Ели“, кој се приближува од југозапад со топол фронт и носи врнежи во форма на снег и дожд.

Временските услови веќе предизвикуваат многу застои во патниот и железничкиот сообраќај. Поради бурните ветрови, училиштата на северот од земјата, во Хамбург, Бремен и Долна Саксонија, денес останаа затворени.

Несреќи предизвикани од екстремни услови

Во близина на Герде во Долна Саксонија утрово загина возачот на автомобил кога, според полицијата, ја изгубил контролата врз возилото и удрил во дрво поради мраз на државниот пат.

Несреќи предизвикани од мраз се пријавени и во многу други сојузни покраини. На пример, во Тирингија, автопатот А73 беше делумно затворен по судир на три автомобили во близина на Шлојзинген, соопшти полицијата.

Владејачката Христијанско-демократска унија (CDU) ја откажа својата редовна затворена конвенција, која требаше да започне утре, поради временските услови. „Поради предупредувањата за екстремни временски услови и прекини во железничкиот и воздушниот сообраќај, принудени сме да ја одложиме нашата конференција“, изјави портпаролката на CDU, Изабел Фишер.

DWD им советува на сите оние кои имаат намера да патуваат во наредните денови да бидат добро информирани пред своето патување, особено во врска со воздушниот сообраќај, каде што се очекува делумно и целосно затворање на аеродромите.

Властите ги предупредуваат граѓаните да не излегуваат непотребно и да бидат особено внимателни поради ледените услови, а болниците за трауматологија се подготвуваат за прилив на пациенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни