Снежна бура парализира делови од Србија: судири, заглавени камиони и одрони на повеќе патишта

Силен снег предизвика хаос на патиштата низ Србија – сообраќајни несреќи, заглавени шлепери, одрони и поледица. На Златибор, Тара и кај Ивањица паднаа до 20 см снег. Дел од домаќинствата се без струја, а „Патишта на Србија“ апелираат на внимателно возење.

Обилните снежни врнежи што од ноќеска ја зафатија Србија предизвикаа сериозни проблеми во сообраќајот во повеќе региони. На одредени делници има судири, заглавени товарни возила, паднати дрвја и одрони, додека видливоста е значително намалена.

Во подрачјата на Чајетина, Ужице и Бајина Башта наврнале околу 20 сантиметри снег. Надлежните служби се на терен и ги расчистуваат патиштата според приоритет.

Заглавени камиони и забрани за сообраќај

На Златибор, во местото Сушица, камион се препречил насред патот, што дополнително го отежнало сообраќајот. Забрането е движење за шлепери на одредени делници, а на патот Ваљево–Ужице е воведена забрана за товарни возила.

На патот Тара–Бајина Башта и Ваљево–Лозница паднати дрвја го блокираа сообраќајот, додека на Кадинача се случила сообраќајна несреќа меѓу камион и автобус.

Одрони, поледица и магла

Од јавното претпријатие „Патишта на Србија“ информираат дека патиштата се проодни, но коловозите се влажни и има до пет сантиметри снег. На одредени делници има одрони, поледица и магла.

Возачите се предупредуваат да користат зимска опрема и да ја приспособат брзината кон условите на патот.

Проблеми со струјата во Ивањица

Поради тежок и влажен снег, во делови од општина Ивањица дошло до дефект на електромрежата. Без струја моментално се домаќинствата во Кушиќи, каде што екипи на електродистрибуцијата работат на отстранување на дефектот.

Според локалните власти, сите патишта во општината се проодни, но движењето е отежнато во повисоките планински предели.

Предупредување од метеоролозите

Републичкиот хидрометеоролошки завод предупреди дека се очекуваат од 8 до 20 сантиметри влажен снег, а на планините и повеќе. Можно е да има проблеми во сообраќајот и локални прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Снегот се очекува да престане кон крајот на денот и во текот на ноќта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни