Снежен хаос во Романија: 200.000 домаќинства без струја, блокирани патишта и возови

Обилни снегови и дожд ја погодија Романија, оставајќи 200.000 домаќинства без електрична енергија. Сообраќајот е во прекин, училиштата затворени, а властите работат на санација на мрежата.

Поради обилни врнежи од снег и дожд што ја зафатија Романија, околу 200.000 домаќинства останаа без електрична енергија. Невремето предизвика сериозни проблеми во патниот и железничкиот сообраќај, со блокирани автопати и државни патишта и доцнења на десетици возови.

Министерот за енергетика Богдан Иван изјави дека службите интензивно работат на отстранување на дефектите и постепено враќање на струјата.

40 сантиметри снег во Букурешт

Во главниот град Букурешт, снежната покривка достигна 40 сантиметри, што значително го отежна јавниот превоз. Паднати дрвја го прекинаа сообраќајот на повеќе патни и железнички правци, а училиштата беа затворени во неколку градови.

Националната агенција за итни интервенции соопшти дека во шест окрузи во снегот заглавиле и десет возила на итната медицинска помош.

Делумно обновена електродистрибуцијата

Од вкупно 200.000 погодени домаќинства, за околу 86.000 веќе е повторно воспоставено снабдувањето со електрична енергија. Проблеми се регистрирани во 266 населени места.

Министерот додаде дека просечната потрошувачка на електрична енергија изнесувала 7,4 гигавати, при што вишокот произведен од ветерните и хидроелектраните бил извезуван. Во споредба со минатата година, производството пораснало за 11 проценти, а потрошувачката за 6 проценти.

Властите најавуваат дека ќе продолжат со расчистување на патиштата и целосна стабилизација на електроенергетската мрежа во текот на денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни