Снежниот хаос во вторник ја зафати целат Хрватска. Во континенталниот дел снегот паѓаше без прекин, а побеле и Истра.
Службите ги чистат патиштата, но за само неколку минути снегот повторно ги покрива коловозите. Виулицата од минута во минута носи нови сантиметри снег
Во Госпиќ наврнале 30 сантиметри снег, а во Вуковарско-сремската жупанија во бчера биле измерени и повеќе од 40 сантиметри. Покрај врнежите, дополнителни проблеми создавал и силниот ветер.
Најмногу проблеми во сообраќајот
Најмногу проблеми имало во сообраќајот. Низа сообраќајни незгоди се регистрирани ширум земјата, а на автопатот А6 кај Новиград близу Карловац од патот излетал и камион.
Проблеми во сообраќајот има и во Загреб, особено на Сјеменската улица каде неколку автомобили заглавиле во снежни наноси, па возачите си помагале меѓусебно и се обидувале да ги туркаат возилата – без успех. Поради тоа, во попладневните часови било одлучено улицата целосно да се затвори за сообраќај.
– Сите екипи, вкупно 245, на Зимската служба на Град Загреб се на терен од понеделник наутро и ќе работат непрекинато – потврди раководителот на службата, Иван Шпехар.
Ваквото време ќе продолжи и во наредните денови, а метеоролозите најавуваат и силни минусни температури, што може да предизвика дополнителни проблеми.
– Се препорачува неколку пати дневно да ги проверувате актуелните предупредувања – нагласуваат од ДХМЗ.
– Посебно предупредуваме на сообраќајот бидејќи, покрај врнежите и силниот ветер, постои ризик од поледица – изјави Иван Гитлер, главен директор на Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска.
