Трн: Што ве привлече да ја поставите „Браќа Карамазови“ на сцена и како пристапивте кон поставување на ова обемно дело?
Снежана: Претставата е поставена лани во фебруари прв пат и стилот на режисерот Оливер Фрљиќ е секогаш да дава и лекции од неговите поставки. Режисерот работи и режира во Германија, а најпознат е по неговите авторски проекти. Во Хрватска на покана од екипата на ЗКМ дојде да постави на сцена едно класично дело.
Имам идеја да направам две претстави рече Оливер кои не се продолжение една на друга, туку се посебни целини инспирирани од Браќа Карамазови на Достоевски ама водејќи се од Толстоевата позната сентенца „Сите среќни семејства се среќни на ист начин а сите несреќни семејства се несреќни на свој начин“.
Трн: По што се издвојува оваа поставка на Браќа Карамазови од останатите?
Снежана: Не се работи само за Браќа Карамазови, туку има цитати и од други дела. Така што режисерот доста паметно и храбро прави колаж на текстови и тоа сосема сам, без драматург.
Дејството е поделено на два дела, две претстави кои добро е да се гледаат хронолошки.
Првиот дел ја следи линијата на Карамазови, класичната приказна на татко убиец, три сина, синдромот на Карамазови со негова интервенција со оглед на геополитичката ситуација.
Втората претстава се однесува на социјално понискиот слој кој не се обработува и не се споменува често. Таму го обработува проблемот со сиромаштијата, потребата за револуција, борбата за женски права, тука се занимава со социјално освестување.
Втората претстава ми е многу интересна која говори за таа сиромаштија и анархија и воопшто во денешно време кога се поставуваат две прашања: Дали одиме во турбо капитализам или ќе се дигне нова Револуција? Трето нема.
Не е нужно да се гледаат двата дела, ама вреди да се погледнат хронолошки за целокупно искуство.
Трн: Дали се прави превод на времето во претставата?
Снежана: Поставена е како класично дело, но со оглед на тоа што Оливер е толку концизен текстот е испреплетен со многу елементи од философски и религиозен аспект. Тој кон црквата има многу остар став, а сето тоа го изразува преку кореографска, звучна интервенција и секако преку актерската игра.
Трн: Како е остварена двојноста на ликовите?
Снежана: Некои глумци глумат двојни улоги, а костимите се направени така што се аплицираат еден врз друг на основен неутрален костум.
Трн: Дали вие се согласувате со Толстоевата: Сите среќни семејства се среќни на ист начин а сите несреќни семејства се несреќни на свој начин ?
Снежана: Сигурно да. Општеството се рефлектира на судбината на семејствата и поединците и тоа секое семејство е несреќно на свој начин е под влијание на општеството. Општеството ги дефинира и микроединиците односно семејствата и тоа е апсолутно. Целиот наш репертоар се согласува со ставот кон светот, целата екипа делиме исти или слични погледи кон животот и светот оттаму и толку синхронизирано делуваме.
Трн: Ако е диктирано од општеството тогаш сите несреќни треба да се слични?
Снежана: А можеби и вие имате право, индивидуално е до некаде, самите бираме дали ќе бидеме среќни или несреќни, ама општеството си прави свое влијание.
Економските ситуации, влијанието на црквата врз општеството за да стане помалку секуларно сето тоа си зема свој дел и делува на погледите на животот за формирање на семејства.
Трн: Со кои предизвици се соочивте при поставување на претставата?
Снежана: Се работи за режисер кој не е пожелен во Хрватска зарди неговиот критички став кон целокупната општествено политичка состоја, значи персона нон грата и затоа сметаме дека и самата претстава е опструирана и не сме воопшто номинирани за главната награда на хрватското актерство и покрај тоа што јавноста смета дека е најпретстава за минатата година, ама тоа е таа тивка цензура! Тој е најголемиот предизвик со кој се соочивме.
Трн: Како ги портретиравте ликовите со оглед на нивната комплексност?
Снежана: Маестрално тоа го направи режисерот со сите ликови, им ја долови суштината преку играта, преку нивниот говор, држење на телото без да ги води ликовите на класичен психолошки начин низ приказната.
Трн: Колку овие ликови постојат и сега?
Снежана: Сигурно има многу самоуништување и луѓето не се свесни за последиците на своите дела кои ги носат до крајниот чин, или дека се грабливи и лакоми, тоа е една карактеристика која сега е многу честа, да се дограбиш до некое материјално богатство по било која цена.
Трн: Што треба да извлече публиката од претставата?
Снежана: Навистина не знам, ама во Загреб публиката навистина ја сака оваа претстава и имавме одлични рецензии и критики,ја сметаа за најдобра претстава за 2022 година. А на кој начин што извлеува публиката не знам, има многу поенти, ама едно знам дека Оливер многу го криткува и општеството и црквата и тоа го прави навистна смело.
.
На редовен репертоар на ЗКМ се наоѓа и претставата „Мојот маж“ по книга од Румена Бужаровска, а како гостин режисер во ЗКМ се најде и македонскиот режисер Иван Поповски. Снежана која е кореограф на современ танц, во Скопје била и во улога на член на жири во рамки на Танцфест во 2014 година.