Снегот и неповолните временски услови, кои на почетокот на неделата парализираа и затрупаа делови од Хрватска, и во среда, 7 јануари 2026 година, продолжуваат да создаваат сериозни проблеми во сообраќајот. Според најавите, нови врнежи од снег се очекуваат и во текот на денот.
Состојба во сообраќајот
Според информациите на Хрватскиот автоклуб (HAK), околу 7 часот наутро, снег паѓа во централна Хрватска, Лика, Горски Котар и Славонија. На поголемиот дел од патиштата се вози во зимски услови, а на сила е забрана за сообраќај за камиони со приколки, со полуприколки и возила без задолжителна зимска опрема
На одделни делници на коловозите има нагмечен или разгазен снег, а поради ниските температури постои и ризик од поледица.
Во тек е чистење и посипување на патиштата, но на некои делници сообраќајот се одвива успорено поради возилата на зимската служба, кои се движат со намалена брзина.
Ограничувања за товарен сообраќај
За камионите со приколки и влекачите со полуприколки нема слободен патен правец од внатрешноста на земјата кон Ријека / Истра и Далмација, ниту во обратен правец.
Кон Далмација и назад можат да сообраќаат само патнички возила.
Затворена автопатска делница А1
Поради оркански ветер и снег, за сите категории возила е затворена делницата од автопатот А1 меѓу јазлите Свети Рок и Поседарје. За патничките возила е обезбеден обиколен правец преку Карин – Обровац – Грачац, и обратно. За останатите категории возила нема алтернативни правци.
Дополнително, на автопатот А1 од јазолот Карловац до јазолот Ровањска важат зимски услови, со забрана за сообраќај на камиони со приколки, влекачи со полуприколки и возила без зимска опрема.
