Снегот ја парализира Србија, отсечени села, над 50 000 домаќинства се без струја

Најтешка е ситуацијата на патиштата кон Копаоник и низ Ибарската клисура, а околу 50.000 корисници од Ниш и Краљево останаа без струја

Снегот што постојано паѓаше во текот на ноќта и утрово низ Србија донесе хаос во нормалното функционирање.

Во градовите Ниш и Краљево, околу 50.000 корисници во моментов се без електрична енергија поради невремето, проследено со обилни врнежи од снег, што предизвикаа голем број дефекти во дистрибутивната мрежа за електрична енергија.

„Ситуацијата на терен се менува од час во час. Посебен проблем на терен се непроодните регионални и локални патишта, како и обилниот снег што продолжува да паѓа, што го отежнува пристапот до местата на дефекти“, се вели во соопштението на Електродистрибуција на Србија (ЕДС)

Поголемиот дел од проблемите се регистрирани во ридско-планинските региони на Рашкиот, Златиборскиот, Моравичкиот, Пчињскиот и Јабланичкиот округ.

„Екипите на ЕДС се на терен и работат на санирање на дефектите. Повеќето од поголемите дефекти се санирани, но поради лошото време се појавуваат и нови“, се вели во соопштението.

Поради снегот во делови од Србија, сообраќајот се одвива отежнато, додека врнежите предизвикаа прекин на снабдувањето со електрична енергија во некои општини и губење на сигналите на мобилните телефони. Снегот на територијата на Лучани и Ивањица предизвика дефекти во електричната мрежа, поради што илјадници потрошувачи во околните села останаа без електрична енергија, изјавија надлежните општински служби за агенцијата Бета.

Во Ивањица е прогласена вонредна состојба. 

Снег и денеска паѓа во јужниот дел од Србија. На Копаниок во моментот има повеќе од 60 сантиметри снег, додека во Ивањица – над 20 сантиметри.

Според информациите од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, неповолни временски услови со обилни врнежи од снег сè уште се прогнозираат за централна и источна Србија. 

Најтешка е ситуацијата на патиштата кон Копаоник и низ Ибарската клисура. Републичкиот хидрометеоролошки завод најавува дека снежните врнежи ќе продолжат, особено во јужните, југозападните и источните делови на Србија, каде што се очекуваат уште 10 до 30 сантиметри снег.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни