Поради снежните врнежи, на делници од магистралните патишта Зворник–Тузла преку превојот Црни Врв, Власеница–Соколац преку Хан Поглед и Подорашац–Брадина, сообраќајот е запрен за товарни моторни возила.
Исто така, на возачите им се препорачува зголемена внимателност при возење преку превоите: Караула, Нишиќи, Комар, Макљен, Млиниште, Борова Глава, Романија, Рогој и Чемерно.
Поради зимските услови за возење во Република Хрватска, на граничниот премин Изачиќ е на сила забрана за сообраќај на товарни возила со приколка и шлепери. Долги колони од патнички возила се забележуваат на излез од Босна и Херцеговина на граничните премини: Изачиќ, Хаџин Поток, Велика Кладуша, Босански Нови, Босанска Дубица, Костајница, Градина, Градишка, Брод, Орашје, Брчко и Свилај.
На останатите гранични премини повремено се зголемува сообраќајот на патнички возила, но засега задржувањата се до 30 минути.
„Поседувањето зимска опрема е законска обврска, а временските услови тоа дополнително го наметнуваат. Поголем дел од Босна е зафатен од снежни врнежи, при што снегот се задржува на коловозот, го успорува сообраќајот и бара зголемена внимателност. Во Херцеговина преовладува дожд, поради што коловозите се мокри и лизгави. Магла и ниска облачност ја намалуваат видливоста по котлините и долж речните текови. Поради температурни осцилации, можни се одрони од земја и камења на патиштата. На возачите им се препорачува да ја намалат брзината и да го приспособат возењето на моменталните услови“, соопштија од Босанско-херцеговскиот авто-мото клуб.
Поради регистрација на патниците според новиот систем за влез и излез во земјите на Европската Унија (EES – Entry/Exit System), можни се подолги задржувања на граничните премини.
Граничниот премин Брчко е отворен за патнички возила до 3,5 тони. Од 2 декември 2025 година, граничниот премин Каракај е отворен за сите категории возила. На граничниот премин Шепак е забранет сообраќајот за сите товарни возила.
На социјалните мрежи, граѓаните споделуваат фотографии и видеа од патиштата низ БиХ, најчесто жалејќи се на лошото одржување и нерасчистениот снег.
