Пијанечко-Малешевскиот регион утрово е под снежна покривка која е најизразена на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчево.
Сообраќајот на патниот правец Кратово – Пробиштип е во прекин за тешки моторни возила oд 07:00 часот утринава поради наноси од снег, информира АМСМ. Поради настанатите услови на терен се препорачува возачите да го избегнуваат овој правец или да користат алтернативни патни правци.
На останатите патишта во регионот и во земјата сообраќајот утрово се одвива со умерен интензитет, а поради ниските температури и временските услови се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината согласно условите на патот.
АМСМ советува сите возачи редовно да ги следат извештаите за состојбата на патиштата и да се подготват за зимски услови. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во село Тработивиште, како и на подрачјето на селото Ѕвегор во близина на Граничен премин Делчево.