Снегот, дождот и екстремно ниските температури денес предизвикаа хаотични услови во сообраќајот во голем дел од Европа, токму во моментот кога милиони луѓе се враќаат на работа по празниците.
На аеродромот Шипхол во Амстердам беа откажани околу 450 летови, а железничкиот сообраќај беше целосно прекинат во холандската престолнина и регионот Утрехт, соопштија надлежните служби.
Проблеми во железничкиот и патниот сообраќај
Прекини во железничкиот сообраќај се регистрирани и во Полска, додека во Чешка е измерена температура од дури -30,6 степени Целзиусови, во шумска област на границата со југоисточна Германија.
Поради замрзнатите и лизгави патишта, се случиле бројни сообраќајни несреќи, особено во пониските планински региони.
Затворени училишта и метео-аларми
Во Шкотска, поради лошите временски услови, беа затворени стотици училишта, додека во многу делови на Велика Британија е активирано предупредување за сериозни временски непогоди поради обилни снежни врнежи.
Локални нарушувања во сообраќајот се пријавени и во Франција.
Балканот под снег
Обилен снег паѓаше и на Балканот, особено во Босна и Херцеговина и Романија, но и во Србија.
Во карпатскиот регион Трансилванија, неколку села останаа целосно изолирани, откако снегот ги затрупа пристапните патишта.
Нови врнежи и екстремен студ
Во Шведска, беа откажани летови на аеродромот во Стокхолм, а метеоролозите најавуваат нови снежни врнежи во вечерните часови.
Во Австрија, државните метеоролози издадоа предупредување за екстремно студено време во западните делови на земјата, каде температурите во вторник би можеле да паднат и до -17 степени Целзиусови.
