Србија и понатаму е под снежна покривка која предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија на западот од земјата. Во селото Шљивова кај Крупањ дури пет дена, како и сериозни тешкотии во сообраќајот на поголем дел од патните правци. Поради обилните врнежи, излеани се и неколку реки.
Вонредна состојба вчера беше прогласена во Ваљево и Мајданпек, а претходните денови и во Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, Мали Зворник и дел од територијата на Пријепоље. Од Секторот за вонредни ситуации наведуваат дека од 4 јануари досега се евакуирани 22 лица.
По излевањето на реката Ситница на Косово и Метохија, вчера се излеа и реката Ибар, и тоа во Северна Митровица. Според градоначалникот Милан Радојевиќ, од поплавените подрачја биле евакуирани околу десетина лица.
Дека борбата со снегот ќе продолжи укажува и прогнозата на Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ), според која уште денес попладне од запад се очекуваат нови врнежи.
Владата и службите постојано на терен
Кабинетот на претседателот на Владата, соопшти дека е во постојана комуникација со надлежните органи и дека сите релевантни служби непрекинато се на терен и работат на отстранување на последиците од снежното невреме.
Според податоците од Секторот за вонредни ситуации при МВР, од 4 до 8 јануари противпожарно-спасувачките единици имале вкупно 54 интервенции, во кои биле ангажирани 132 пожарникари-спасувачи со 59 возила, 18 пумпи и три чамци. Евакуирани се 22 лица, обезбедена е една асистенција за екипа на Брзата помош и извршени се уште шест други интервенции. Отстранети се 36 паднати дрвја, а на 14 локации е извлекувана вода.
Проблеми со струјата
Проблеми со снабдувањето со електрична енергија се регистрирани во Колубарскиот, Мачванскиот, Борскиот и Златиборскиот округ. Екипите на Електродистрибуција се на терен и работат на санација на дефекти на далекуводи, трафостаници и нисконапонската мрежа.
Електродистрибуција Србија (ЕДС) соопшти дека новите врнежи предизвикале нови дефекти на електромрежата, а екстремните временски услови во подрачјето на Лозница, Крупањ и Мали Зворник дополнително ја отежнуваат нормализацијата на снабдувањето.
Во ноќта меѓу среда и четврток паднале нови 10 сантиметри тежок и влажен снег, што заедно со ветерот и ледениот бран довело до паѓање на дрвја врз мрежата. Непристапниот терен, снежните наноси и завеаните патишта ја отежнуваат интервенцијата, но се очекува далекуводите наскоро повторно да бидат пуштени во функција.
Илјадници домаќинства без струја
Во валевскиот крај вчера околу 10.200 семејства беа без електрична енергија. Многу села се целосно без струја поради скршени гранки и паднати дрвја кои ги оштетиле водовите и столбовите.
Источна Србија е под мраз – жителите на Мајданпек Божиќ го дочекаа во студени станови, без струја, мобилна телефонија и интернет. Слична состојба е забележана и во општината Књажевац.
Отежнат сообраќај и забрани за камиони
Сообраќајот се одвива отежнато на повеќето патни правци. „Патишта на Србија“ соопштија дека е на сила четврти степен на подготвеност, со ангажирани 2.324 работници, 815 возила и 331 машина за расчистување.
Сите државни патишта од прв и втор ред се проодни, но на повеќе локации има расквасен снег и голомразица. Забрана за движење на шлепери е воведена во делови од Бачка, Ваљево, Ужице, Пожега, Нови Пазар, Крушевац, Ивањица и Заечар.
Надлежните апелираат граѓаните да не тргнуваат на пат без итна потреба и задолжително да имаат зимска опрема и синџири.
Поплави и ледени реки
Според Секторот за вонредни ситуации, најголем проблем во изминатите денови претставувала реката Лим, чиј водостој сега опаѓа, но Дрина е во пораст. Во делови од Мали Зворник и Љубовија е извршена евакуација, а во Мачванскиот округ неколку викенд-куќи се опкружени со вода.
РХМЗ предупредува на појава на крајбрежен мраз и ледено движење на делови од Дунав од 10/11 јануари, со понатамошно засилување на ледените појави.
Прогноза: Нов снег и дожд
РХМЗ најавува многу студено време со температури од -14°C на север до -10°C на југот и југоистокот, а во Неготинската Краина малку потопло. Попладне се очекува ново наоблачување со мешани врнежи – снег и дожд, кои на повеќе места ќе замрзнуваат при тлото.
Регионoт под снег и екстремен студ
И земјите од регионот се разбудија под снежна покривка и силен мраз – Република Српска, БиХ, Хрватска, Словенија и Романија. Во Хрватска е измерена температура од -20,3°C, додека во словенечкото Бабно Поље дури -25°C.
