Темелната истрага на компанијата за гас покажа дека нема невообичаено количество јаглерод моноксид во домот на Џин Хекман и Бетси Аракава во Санта Фе.
Иако била откриена неправилност на еден шпорет во куќата, каде што имало истекување на гас, количината била занемарлива и не можела да биде причина за смртта на Хекман и неговата сопруга, велат од компанијата.
Според властите, причината за смртта на двојката се уште не е позната, а прелиминарната обдукција утврдила дека на телата на познатиот актер и неговата сопруга немаат надворешни повреди или други сомнителни знаци.
Покрај познатиот пар, на 27 февруари во куќата било пронајдено и нивното куче Зина.
Како што пренесуваат американските медиуми, на имотот имало уште две живи кучиња, кои сега се во добра состојба.
Џин Хекман наполни 95 години на крајот на јануари, а се повлече од светот на филмот во 2004 година, откако работеше на филмот „Добредојдовте во Муспорт“.
Тој се прослави со улогата во филмот „Бони и Клајд“ од 1967 година, а двапати беше награден со најпрестижната филмска награда Оскар и освои четири Златни глобуси и две награди БАФТА.
Беше во брак со пијанистката Бетси Аракава од 1991 година. Од бракот со Феј Малтезе имал три деца: Кристофер Ален, Елизабет Жан и Лесли Ен.