Лавини во италијанските Алпи денеска одзедоа најмалку два човечки животи и повредија уште неколку лица, додека спасувачките операции се отежнати поради силни ветрови.
Првата лавина ја погоди југозападната алпска долина Маира во италијанскиот регион Пиемонт, во близина на француската граница. Локалните служби соопштија дека едно лице загинало, а две се повредени, од кои едното е во критична состојба.
Втората лавина се случила во близина на Прагелато, популарен скијачки центар на околу 60 километри западно од Торино. Во друга лавина, во североисточниот италијански регион Венето, кај градчето Рекоаро на Доломитите, загинал 50-годишен планинар, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Опасноста од лавини низ Алпите е зголемена во изминатите денови поради обилниот снег и силните ветрови, поради што се на сила предупредувања за скијачи и планинари.
