Смртоносен напад во воз ја потресе Германија: Кондуктер почина по брутална проверка на билети

Смртоносен напад врз кондуктер во регионален воз кај Кајзерслаутерн ја шокира Германија и ги засили барањата за поголема заштита на железничките работници.

Германија е во шок по смртоносниот напад врз кондуктер во регионален воз кај Кајзерслаутерн, кој повторно ја отвори дебатата за безбедноста на железничките работници и растечкото насилство во јавниот превоз.

Триесет и шестгодишниот кондуктер бил нападнат од патник за време на рутинска контрола на билети во понеделникот, а поради тешките повреди им подлегнал утрово. Настанот предизвика силни реакции од политичари, синдикати и од раководството на Германските железници (Deutsche Bahn).

Претседателката на Управниот одбор на Deutsche Bahn, Евалин Пала, го нарече инцидентот „црн ден за сите железнички работници“, нагласувајќи дека жртвата „само ја вршела својата работа“ и била нападната на брутален и бесмислен начин.

Федералниот министер за транспорт Патрик Шнајдер изрази згрозување, истакнувајќи дека е недозволиво работник да го загуби животот додека се грижи за безбедноста и редот на патниците. Слични пораки упати и министерот за внатрешни работи Александар Добринт, кој побара најстрога можна казна за сторителот и заострување на кривичноправната заштита за вработените во јавните услуги.

Синдикатите најавија засилен притисок врз властите. Железничкиот синдикат ЕВГ повика на минута молк, додека ГДЛ и Синдикатот на полицијата побараа поголемо присуство на обезбедување и полиција во возовите.

Според официјални податоци, само во 2024 година биле регистрирани речиси 3.000 кривични дела против железнички работници, од кои над 1.200 случаи на телесна повреда, што дополнително ја засилува загриженоста за нивната безбедност.

Извор: Тагесшау (АРД) / Deutsche Welle

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни