Бројот на смртни случаи од рак во светот се очекува да се зголеми за скоро 75% во наредните 25 години – и покрај напредокот во третманите и напорите за намалување на факторите на ризик, покажува нова анализа. Се проценува дека во 2050 година ќе починат 18,6 милиони луѓе од рак. Новите случаи на рак се очекува да се зголемат за над 60% во истиот период, достигнувајќи 30,5 милиони случаи, според извештајот објавен во медицинското списание The Lancet. Причините за овој пораст главно се поврзани со растот и стареењето на светската популација.
Анализата открива дека повеќе од 40% од смртните случаи од рак во моментот се поврзани со 44 променливи фактори на ризик – како пушење, нездрава исхрана и високо ниво на шеќер во крвта. Кај мажите, 46% од смртните случаи во 2023 година биле поврзани со вакви фактори, главно предизвикани од тутун, лоша исхрана, алкохол, професионални ризици и загадување на воздухот. Кај жените, 36% од смртните случаи биле поврзани со фактори како што се тутунот, небезбеден сексуален однос, исхрана, дебелина и висок шеќер.
Постојат големи можности за земјите да ги таргетираат овие фактори на ризик, со што може да се спречат многу случаи на рак и да се спасат животи, изјави д-р Тео Вос, коавтор на студијата и истражувач во Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME) од САД. Извештајот опфаќа 47 видови на рак во 204 земји и територии, следејќи податоци од 1990 до 2023 година и проектирајќи ги бројките до 2050 година.
Во 2023 година беа регистрирани 18,5 милиони нови случаи на рак и 10,4 милиони смртни случаи, што претставува значителен пораст во споредба со 1990 година. Сепак, стапките на смртност опаѓаат, особено во побогатите земји, благодарение на напредната дијагностика и подобрените терапии.
Во наредните години, земјите со пониски приходи најмногу ќе го почувствуваат растечкиот товар од рак – тие ќе сочинуваат повеќе од половина од новите случаи и две третини од смртните случаи од рак до 2050 година, покажува анализата. Мегнат Дхимал од Националниот истражувачки совет за здравје во Непал, кој работел на студијата, изјави дека зголемениот товар од рак во овие земји претставува „надвисната катастрофа“.
Истражувачите апелираат за подобар пристап до побрза и поточна дијагностика на рак, поквалитетен третман и сеопфатна поддршка, особено во земјите со ниски приходи. Постојат ефикасни и исплатливи интервенции за справување со рак во сите фази на развојот, нагласува Дхимал.