Стапката на смртност од рак во пад: која е главната причина?

Нови податоци покажуваат пад на смртноста и кај мажите и кај жените, иако апсолутниот број случаи расте поради стареењето на населението

Стапката на смртност од рак на белите дробови во Европската Унија продолжува да опаѓа и кај жените и кај мажите, покажуваат најновите проценки на истражувачите. Како главна причина за овој тренд повторно се посочува намалената употреба на тутун, односно престанокот со пушење, кој и понатаму се смета за најважниот фактор во превенцијата на ова заболување.

И покрај позитивниот тренд, ракoт на белите дробови и натаму останува водечка причина за смрт од рак кај двата пола во Европска Унија.

Различни трендови кај мажите и жените

Според истражувањата, смртноста кај мажите бележи континуиран пад уште од 1990-тите години, додека кај жените таа растеше сè до 2010-тите, по што започна постепено да се намалува. За 2026 година, истражувачкиот тим прогнозира 23 смртни случаи од рак на белите дробови на 100.000 жители кај мажите и 12 кај жените.

„Ракот на белите дробови и понатаму е водечка причина за смрт од рак кај мажите и жените во ЕУ“, изјави Карло Ла Векија, раководител на истражувачката група од Универзитетот во Милано.

Пушењето како доминантен ризик-фактор

Резултатите јасно укажуваат дека пушењето останува клучен фактор за смртноста од рак, наведува Ла Векија во соопштение објавено преку Европско друштво за медицинска онкологија.

„Намалувањето на консумацијата на тутун е темел на превенцијата на ракот на белите дробови, а има значајна улога и во спречувањето на други видови рак, како што е ракот на панкреасот“, посочува тој.

Покрај престанокот со пушење, подобрата исхрана и напредокот во медицината исто така придонесуваат за зголемување на стапката на преживување.

Со неколку исклучоци, пад на смртноста се забележува и кај други видови рак. Кога ќе се земат предвид сите видови заедно, истражувачите предвидуваат стапка на смртност од 114 на 100.000 мажи во ЕУ во 2026 година, што претставува намалување од осум проценти во однос на периодот 2020–2022.

Кај жените, проектираната стапка за 2026 година изнесува 75 на 100.000, што е пад од шест проценти. Единствен исклучок е ракот на панкреасот кај жените, каде што смртноста е зголемена за еден процент и изнесува шест на 100.000 жители.

Иако стапките на смртност опаѓаат, апсолутниот број случаи на рак во ЕУ продолжува да расте, главно поради стареењето на населението. Податоците укажуваат дека превентивните политики, особено оние поврзани со намалување на пушењето, остануваат клучни за јавното здравје и во наредните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни