Смртноста од малигни неоплазми во Македонија бележи континуиран раст во последните години, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Во периодот од 2010 до 2024 година, стапката на морталитет се зголемила од 180 на 217 на 100.000 жители, при што морталитетот е значително повисок кај мажите. Трендот се потврдува и на Светскиот ден за рак, кој се одбележува на 4 февруари, како глобален повик за превенција и рана детекција.
Ракот е втора најчеста причина за смртност во Македонија, веднаш по болестите на циркулаторниот систем. Највисоки стапки на смртност се регистрирани кај лицата над 65 години, каде морталитетот останува висок и покрај одредени осцилации – од 881 на 100.000 жители во 2010 година до 821 во 2024 година.
Кај мажите, најчеста причина за смрт од малигни неоплазми е ракот на бронхиите и белите дробови, со стапка на морталитет која достигнала 71,3 на 100.000 мажи во 2024 година. Кај жените, водечка причина за смрт е ракот на дојка, при што стапката на морталитет пораснала од 30 на 100.000 жени во 2010 година на 39 во 2024 година.
Податоците од ИЈЗ укажуваат дека морталитетот кај помладата популација (0–64 години) е значително понизок во споредба со постарите возрасни групи, но трендот на пораст на смртноста останува загрижувачки.
Порастот на смртноста од рак ја нагласува потребата од системски пристап кон превенцијата, раната дијагностика и подобрувањето на пристапот до здравствени услуги, особено во услови на стареење на населението и зголемена изложеност на ризик-фактори.
