Центарот за токсикологија и фармакологија при Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) во Љубљана потврди дека една личност починала од каснување од поскок, најопасната отровна змија во Европа. Случајот е прв со смртен исход по повеќе децении, објави д-р Миран Брвар, раководител на центарот, преку социјалната мрежа X (поранешен Twitter).
Меѓу 2014 и 2023 година, во просек 6 пациенти годишно биле хоспитализирани во Словенија поради уед од отровни змии – најчесто поскок или шарка, кои се единствените отровници што се среќаваат и на Балканот, вклучително и во Македонија.
Во случај на уед од поскок или шарка, најважно е да останете смирени и да постапите по следните чекори:
Обезбедете лична безбедност – отстранете ја змијата од околината. Повикајте итна медицинска помош (бр. 194). Лицето што е каснато треба да мирува – физичката активност го забрзува ширењето на отровот. Отстранете накит, часовници или тесна облека од зафатениот екстремитет. Поставете стерилна газа и ладен облог врз раната. Имобилизирајте го екстремитетот со стап или тврда подлога, и држете го под нивото на срцето. Организирајте брз транспорт до најблиската болница, особено ако сте во оддалечено или планинско подрачје.
Што не треба да се прави:
Не го подврзувајте местото на каснување. Не сечете и не го исисувајте отровот. Не нанесувајте алкохол или оган на раната. Не давајте алкохол или кофеин на уеденото лице.
Поскокот е најраспространетата отровна змија на Балканот, вклучително и во Македонија. Најчесто се среќава: на суви, карпести терени, на ливади и шумски рабови, до надморска височина од 2.000 метри.
Мажјаците се со сиво тело и карактеристичен црн „цик-цак“ узорок, додека женките може да бидат кафеави или црвенкасти. Поседуваат мал, но препознатлив ‘рог на врвот на носот. Вообичаено достигнуваат должина од 60 до 80 см, но може да пораснат и до 1 метар