По повод 8 Март – Денот на жената, Охридско лето организира свечен концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот ќе се одржи на 7 март со почеток во 20 часот во црквата Света Софија во Охрид, а влезот е слободен.
Концертот е замислен како музичка честитка за сите жени и ќе понуди внимателно избрана програма што ги обединува барокната елеганција, романтичната лирика и шпанско-латиноамериканскиот музички колорит.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика“, изјави директорот на установата, Ѓорѓи Цуцковски, додавајќи дека културата и уметноста се највисока форма на оддавање почит.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
Програмата, како што посочуваат организаторите, претставува патување низ различни музички светови – од барокната префинетост, преку романтичниот израз, до страствените ритми на латиноамериканската гитара.
Дејан Милевски е роден во 1996 година во Охрид. Своето образование го започнал во државното музичко училиште во Охрид, а средното образование го продолжил во ДМБУЦ во Скопје.
Во 2017 година бил примен на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, каде дипломирал во 2021 година со највисока оцена. Магистерските студии ги завршил во 2024 година на истата институција, во класата на професорот Герхард Рајхенбах.
Има освоено повеќе награди на државни и меѓународни натпревари, а настапувал во Македонија, Австрија, Италија, Германија и САД. Од 2022 година е професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger“ во Грац, Австрија.