Кога апликациите за квалитет на воздухот покажуваат „екстремно нездраво“ или „опасно“, а градот изгледа како затворен во сива магла, дилемата за илјадници семејства во Македонија е иста: што можеме да направиме веднаш, денес и утре, за да се заштитиме? Не во некаква далечна „зелена транзиција“, туку сега во Скопје, Тетово, Битола, Кавадарци, каде зимскиот смог одамна не е исклучок, туку правило.
Нема „свеж воздух“ – првата заштита е да се намали изложеноста
Најтешкиот, но и најважниот чекор е прифаќањето на реалноста: кога загадувањето е екстремно, надвор нема безбедно дишење. Светските здравствени организации советуваат максимално намалување на престојот на отворено, особено за деца, бремени жени, постари лица и хронично болни. Физички напор надвор трчање, брзо пешачење, спорт во вакви денови треба целосно да се избегнува.
Направете „чиста соба“ дома
Кога индексот на загадување е висок, прозорците се држат затворени. Проветрувањето треба да биде кратко и во периоди кога загадувањето е најниско – обично доцна претпладне или рано попладне, но не навечер, кога смогот повторно се спушта во котлините.
Добра пракса е во домот да се одбере една просторија како „чиста соба“со минимално отворање прозорци, без теписи и тешки завеси со редовно влажно бришење на подови и површини.
Доколку има можност, прочистувач на воздух со HEPA филтер значително го намалува присуството на ПМ2.5 честички. Климатизерите треба да работат на режим на внатрешна циркулација, а не да вовлекуваат воздух однадвор.
Маската не е мода, туку заштита
Кога мора да се излезе, обичната хируршка маска не нуди доволна заштита. Најопасни се ситните честички ПМ2.5, кои лесно поминуваат низ слаби филтри. Затоа експертите препорачуваат N95 или N99 маски, добро прилепени на лицето. Тие не се совршено решение, но значително го намалуваат внесот на штетни честички во белите дробови.
Не загадувајте дополнително – ни дома
Ако надвор воздухот е отровен, внатре барем не додавајте нови извори на загадување. Забрането е пушење во затворен простор, а се избегнуваат свеќи, миризливи спрејови и агресивни средства за чистење. Теписите и подовите се чистат со правосмукалка со добар филтер, а мебелот со влажна крпа – не со суво бришење, кое само ја крева прашината во воздухот.
Чајот не го чисти воздухот – но ги смирува симптомите
Ниту еден „домашен лек“ не може да го исчисти смогот од белите дробови. Но лекарите препорачуваат мерки кои помагаат полесно да се поднесат иритацијата и кашлицата: многу течности, млаки чаеви од камилица, ѓумбир или мајчина душица, мед и лимон за смирување на грлото, гаргара со млака солена вода. Вдишувањето пареа може да помогне, но со голема претпазливост, особено кај деца.
Децата – најранливата група
Здравствените организации советуваат децата да не се изнесуваат надвор кога индексот е висок, особено не за трчање и активна игра. Ако мора да излезат, престојот треба да биде краток и подалеку од прометни улици. Бебињата и најмладите, кои не носат маски, во денови со екстремно загадување најдобро е да останат дома.
Што правиме кога ќе се вратиме дома?
Честичките од загадениот воздух остануваат на облеката, кожата и косата. По враќање дома се препорачува соблекување на горната облека, миење лице и раце, а по можност и туширање пред спиење. Така се спречува смогот да заврши на перници, ќебиња и детски играчки.
Краткорочна одбрана, долгорочна одговорност
Сите овие чекори се привремена заштита. Но додека се браниме, важно е да не заборавиме дека секој од нас е и дел од проблемот. Помалку греење на дрва и јаглен кога е можно, подобра изолација на домовите, споделување превоз или користење јавен транспорт – тоа се мали, но реални чекори кон помал смог.
И најважно: следете ги секојдневно официјалните податоци за квалитетот на воздухот, исто како временска прогноза. Кога индексот покажува „опасно“, тоа не е време за јуначење, туку за паметна самоодбрана. Во сезоната на смог, чистиот дом, маската и информираноста не се луксуз – туку план за преживување.