Смислата ја барам во заедничката борба

Знам дека заедно со многу други млади луѓе минувам низ она специфично чувство дека ќе бидеме среќни кога ќе се случи ова или она, кога ќе сме финансиски стабилни, кога ќе дипломираме, кога ќе најдеме добра работа и така натаму. Комплексно е прашањето за среќата, а тоа игра голема улога во овие размисли. Во обид да го игнорирам тоа и да се спасам од моментална фрустрација, се навраќам кон идејата дека животот често го минуваме со овие мисли, дозволувајќи тивкиот притисок полека да ни се качува на глава додека не стигнеме до прегорување.

Како да бидеме поинакви и како поинаку кога живееме во крајна неизвесност? Немаме сигурност од никаков аспект, повеќето од нас работиме неколку работи истовремено, живееме во држава со никаква социјална поддршка и силна корупција. Многу млади луѓе едвај врзуваат крај со крај, што ја прави желбата за подобра иднина една утописка замисла. Ова нè води кон едно чувство на неисполнетост и фрустрираност од тоа каде сме и што сме. Затоа и тешко ни е да живееме сега и тука, бидејќи сега и тука е вистински предизвик за кој ни требаат нерви. Ние, со овој систем и поставеност на работите само преживуваме. Да се живее значи нешто сосема друго.

Најчесто сум на оваа страна се додека не ме допре некој прекрасен гест што ме потсетува дека сум во обид за посвесно живеење, затоа што не знам што друго. Тогаш овие мисли за недостапната среќа во вакви услови добиваат некаква друга нота и се потсетувам дека од тие мали зраци на љубов ми носат огромни и важни идеи кои можат да ми направат да биде океј со она што го имам. Како? Веројатно прифаќајќи некој поинаков збор од среќата како недостижност и насочување кон тоа да се најде нешто добро, борбено и важно во самото патување и тоа да се дефинира како благосостојба. Среќата добива сосема нова смисла во вакви времиња, личниот мир исто така. Повеќе од кога било сме предизвикани да сме присутни во нашите животи за самите себе, но и за разбирањето на придонесот кој го имаме за другите, за прашањата за колективот. Како никогаш досега оваа врска станува толку важна.

Одеднаш се меша сè. Личната потрага по малку поголема сигурност се прелева во светската несигурност и нашето ментално здравје. Идејата за свесно живеење и присутност во сегашноста го освестува теророт и проблемите на многумина околу нас, одново и одново процесот на својот внатрешен мир се поставува како нешто кое ќе се одложи. Пак замислуваме нешто големо и грандиозно како среќата кога ќе исполниме некакви општествени норми и очекувања.

Сè се пресоздава и влегува во дополнителен хаос, но не и овој притисок. Затоа, не знам кој е правиот пат, како да се живее младоста и да се искусува со капацитети за добро ментално здравје во ова што го гледаме околу, само следам едно нешто: ја барам смислата во зедничката борба, во можноста да дадам некаков придонес и во сè што немам, да го видам инаетот кој ме тера да го сакам бескомпромисно овој ранлив живот, ова патување назад кон нашата човечност.

Се надевам дека нема да пропуштам да бидам сакана и да сакам, да се смеам и да танцувам на ,,За нас почнува живот” во раната скопска пролет. Дека ќе можам да најдам засолниште во идејата дека се додека имаме причини да се разбудиме, да се налутиме, одиме на добар пат и тоа е таа смисла која ми треба. А тоа не е тема која еднаш се размислува и останува некаде позади. Напротив, колку повеќе растење, толку повеќе потреба ова да се преиспитува, како и самата идеја за она што сме и што можеме да бидеме.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни