„Слушни ме“ – настан за одбележување на Меѓународниот ден на знаковен јазик

По повод Меѓународниот ден на знаковен јазик, Младинскиот образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ организираат настан под мотото „Слушни ме“. Настанот е дел од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и ќе се одржи на 23 септември 2024 година, со почеток во 18:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Оваа вечер, која се одвива во чест на заедницата на глувите и наглувите, ќе биде исполнета со инспиративни говори од нејзини претставници. Говорниците, меѓу кои ќе се најдат сопственици на бизниси, професори, родители, толкувачи на знаковен јазик и млади лица кои имаат страст за музика, ќе споделат лични приказни за предизвиците и успесите со кои се соочуваат. Овој настан е ретка можност пошироката јавност да се запознае со убавината и важноста на македонскиот знаковен јазик, како и да се подигне свесноста за идентитетот и културата на оваа заедница.

Според организаторите, целта на „Слушни ме“ е да се прослави разноликоста на заедницата на глувите, истовремено испраќајќи порака за важноста на застапувањето и инклузијата на сите нејзини членови во секојдневниот живот.

„Преку овие приказни за упорност и успех, сакаме да покажеме дека глувите лица имаат што да кажат и дека нивните животи и искуства се важни за општеството. Знаковниот јазик е средство за комуникација, но и симбол на еднаквост,“ изјавуваат организаторите.

Овој настан е отворен за јавноста, а сите заинтересирани се добредојдени да присуствуваат и да ги поддржат глувите и наглувите во нивната борба за поголема видливост и прифаќање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни