Истражувањето, објавено во јули во списанието The American Journal of Clinical Nutrition, покажува дека заситените масти – а не диеталниот холестерол – се главната причина за покачени вредности на LDL холестерол, познат и како „лош холестерол“. Учесниците во студијата што јаделе две јајца на ден во период од пет недели покажале подобрување во липидниот профил, за разлика од оние што не јаделе јајца.
„Кога станува збор за пржениот појадок, не се јајцата тие што треба да ве загрижуваат, туку парчето сланина или колбасот на страна“, изјави проф. Џон Бакли, автор на студијата и декан на Академската единица за здравство и перформанси при Универзитетот на Јужна Австралија.
Јајцата долго време беа под лупа поради високата содржина на холестерол – едно големо јајце содржи околу 200 милиграми, што е две третини од некогашната препорачана дневна граница. Но, ова истражување го потврдува она што експертите веќе подолго време го претпоставуваат: токму заситените масти, а не холестеролот во храната, имаат најголемо влијание врз нивото на LDL холестерол.
Во студијата учествувале 61 здрав возрасен, кои следеле три различни диети, секоја по пет недели. Во првата, контролната група, учесниците јаделе храна богата со заситени масти и висок холестерол, но не повеќе од едно јајце неделно. Во втората група, дневно консумирале по две јајца, но внесот на заситени масти бил ограничен. Третата група воопшто не јадела јајца, но консумирала заситени масти.
Резултатите покажале дека токму заситените масти ја подигнуваат вредноста на LDL холестеролот, додека холестеролот од јајцата нема значајно влијание. Напротив, учесниците кои биле на „јајчена диета“ доживеале намалување на LDL холестерол во просек за 5.7 mg/dL. Кај групата што не јадела јајца не било забележано подобрување.
Истражувањето било финансирано од Центарот за исхрана со јајца, дел од Американскиот одбор за јајца, што е важно да се напомени во контекст на потенцијален судир на интереси. Сепак, резултатите се во согласност со претходни научни откритија.
Најголемиот дел од холестеролот во телото не доаѓа од исхраната, туку се создава во црниот дроб. Консумирањето заситени масти поттикнува поголемо производство на холестерол и го намалува неговото чистење од крвотокот. Напротив, кога ќе се зголеми внесот на холестерол преку храната, организмот природно ја намалува својата сопствена продукција – еден вид компензациски механизам.
„Диеталниот холестерол не е непријателот што мислевме дека е“, вели д-р Мелиса Мроз-Планелс, нутриционист од Чикаго и портпарол на Академијата за исхрана и диететика. Таа додава дека јајцата можат да бидат дел од здраво и избалансирано мени, дури и за лица што внимаваат на здравјето на срцето.
Сепак, кај лица со наследно висок холестерол – како фамилијарна хиперхолестеролемија – јајцата можат да предизвикаат понагласено зголемување на LDL вредностите. Во такви случаи, препораките се индивидуални и треба да се следат стручни совети од лекар или нутриционист. Исто така, одредени хронични болести и лекови можат да влијаат на метаболизмот на холестерол.
За оние што сепак сакаат да внимаваат, нутриционистите препорачуваат користење на белки од јајце – бидејќи најголемиот дел од холестеролот и заситените масти се наоѓаат во жолчката.
Општата препорака останува – ограничете го внесот на заситени масти, кои се наоѓаат во црвено месо, преработена храна и полномасни млечни производи. Американската кардиолошка асоцијација препорачува максимум 13 грама заситени масти дневно за здраво срце.