Окружниот обвинител на округот Лос Анџелес, Џорџ Гаскоњ, вели дека постои „морална и етичка обврска“ да се разгледаат доказите што браќата ги поднеле минатата година, во кои се тврди дека нивниот татко сексуално ги злоставувал со години и дека браќата го извршиле злосторството во самоодбрана.
Јавниот интерес за случајот повторно го разгоре серијата на Нетфликс за убиствата, објавена во септември.
За време на првото судење за убиство, обвинителите тврдеа дека убиствата биле мотивирани од алчност, бидејќи браќата потрошиле голем дел од своето наследство на Ролекси, скапи автомобили и луксузни недвижности пред да бидат осомничени за убиствата.
Судењето беше емитувано на телевизија. Наводите за раскошно трошење и невообичаено брутално злосторство брзо го привлекоа вниманието на јавноста, а случајот стана славен низ САД.
Но, на судењето браќата изјавиле дека татко им долги години ги малтретирал, а мајка им знаела за тоа, но не сакала да помогне. Првобитното судење заврши со поделена порота, не можејќи да донесе едногласна одлука.
За време на второто судење, наводите за злоупотреба во голема мера bile отфрлени, а браќата беа прогласени за виновни во 1996 година и осудени на доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Лајл Менендез имал 21 година, а Ерик 18 кога ги убиле своите родители.
Новите докази што се разгледуваат вклучуваат писмо што Ерик му го испратил на својот братучед во 1988 година, во кое пишувал за злоставувањето од неговиот татко.
„Ништо од ова не е потврдено. Во моментов не сме подготвени да кажеме дали веруваме или не веруваме во тие информации“, нагласи Гаскоњ на прес-конференцијата.
Сепак, тој додаде дека постои морална и етичка обврска да се разгледа она што му е презентирано на обвинителството.
Гаскоњ, исто така, рече дека прегледот потенцијално може да доведе до промена на пресудата или ново судење. Сослушувањето е закажано за 29 ноември, пренесува CBS News.
Обвинителот исто така истакна дека неговата канцеларија примила голем број повици по објавувањето на серијата Monsters: The Lyle and Erik Menendez Story на „Нетфликс“.
Извор: РТС