Случајот на професорката Марија Васиќ: Петти ден без информации, институциите молчат, семејството очајува

Агонијата на семејството Васиќ продолжува. Со секој следен ден молчењето на институциите станува сѐ погласен сигнал за јавноста – и прашањето сѐ поитно: Кој ќе преземе одговорност ако нешто навистина се случи со Марија Васиќ?

Пети ден трае неизвесноста околу здравствената состојба на професорката Марија Васиќ која се наоѓа во затворска болница во Централниот затвор во Београд, откако започна штрајк со глад и жед. Семејството тврди дека нема апсолутно никакви информации – ниту од затворските власти, ниту од судот, ниту од лекарите. Ниту пак им е дозволена посета.

Штрајкот со глад професорката го започна по приведувањето во врска со протестите на активисти во Нови Сад, а според нејзиниот син Милан Чанак, последна потврдена информација добиле само „затоа што стоеле пред капијата на Централниот затвор“. Од тогаш, вели, се се сведува на молк.

„Не знаеме во каква состојба е. Не знаеме ни дали е жива. Тотален информациски мрак. Бараме извештај со потпис од лекар – ништо. Адвокатите поднесоа барања за посета – никој не одговара“, изјави Чанак.

Во меѓувреме, Управата за извршење на кривични санкции се огласи со соопштение во кое тврди дека Васић била „добро“ при приемот во болницата во четвртокот и дека е приклучена на инфузија. Наместо медицински податоци, соопштението ги обвинува дел од медиумите дека „намерно ја манипулираат јавноста“ со неточни информации.

„Изостанокот на објективно пренесување на нашите информации претставува свесно извртување на вистината“, се наведува во соопштението на Управата, со остар тон упатен кон медиумите кои критички известуваат.

Од друга страна, правниот застој во судот во Нови Сад – кој е блокиран веќе пет дена поради протестите – го спречува и процесирањето на жалбите за продолжениот притвор на Марија Васиќ и другите приведени активисти. Иако судот наведува дека не може да прима ниту електронски поднесоци, поранешниот судија Сава Ѓурѓиќ вели дека може да се најде решение.

„Доволен е еден краток прекин на блокадата, да се предаде предметот во Апелациониот суд, и за неколку часа може да има одлука. Прашање е само волја“, изјави Ѓурѓиќ.

И адвокатот на Марија Васиќ, Александар Петровиќ, не може да ја посети својата клиентка. Иако од затворската болница му било одговорено позитивно, без дозвола од судот посета не е можна – а судот не работи.

Покраинскиот пратеник Радивој Јововиќ, чие семејство исто така е засегнато, објаснува дека целосното нефункционирање на судот го загрозува уставното право на притворените за еднаков пристап до правдата.

„Бараме судот итно да одлучи – ако не може да ги ослободи, нека бидат барем во куќен притвор, за да не се загрозува животот на Марија Васиќ. Ова што се случува е срамота за правосудниот систем“, вели Јововиќ.

Целата ситуација станува показател за подлабоки проблеми во функционирањето на институциите и нивната транспарентност. Граѓанскиот сектор укажува на политички притисоци и обвинува дека институциите се „заробени“ од страна на власта.

„Ова е школски пример на институционален цинизам. Соопштенија со обвинувања кон медиумите, а не информации за живот и здравје – тоа говори сѐ“, изјави Раша Недељков од организацијата CRTA.

Агонијата на семејството Васиќ продолжува. Со секој следен ден молчењето на институциите станува сѐ погласен сигнал за јавноста – и прашањето сѐ поитно: Кој ќе преземе одговорност ако нешто навистина се случи со Марија Васиќ?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни