Потврден изолиран случај на лепра во Хрватска

Пациентот е странски работник од Непал, институциите уверуваат дека нема ризик од ширење и дека состојбата е под целосна контрола.

Во Хрватска е потврден еден изолиран случај на лепра, ретка хронична заразна болест која денес речиси и не се среќава во Европа. Пациент со симптоми на болеста се пријавил во Сплитскиот епидемиолошки центар пред околу десет дена, по што веднаш биле преземени сите потребни здравствени мерки.

Раководителот на Службата за епидемиологија на заразни болести при Хрватскиот завод за јавно здравје, Бернард Каиќ, за RTL Danas изјави дека случајот е навремено откриен и дека нема простор за паника. Пациентот е ставен на терапија, а неговите блиски контакти, иако не се заразени, добиле превентивен третман и се под медицински надзор.

„Сè е под контрола. Се спроведува терапија и профилакса, а блиските контакти не покажуваат знаци на зараза“, изјави Каиќ, додавајќи дека нема ризик за пошироката јавност.

Министерството за здравство соопшти дека станува збор за странски работник од Непал, кој со своето семејство живее и работи во Хрватска веќе две години. Случајот повторно го отвори прашањето за здравствените проверки кај странските работници.

Регулативата што ја иницира Хрватскиот институт за јавно здравје, а се однесува на задолжителни здравствени прегледи и докази за вакцинација кај странски работници, сè уште е во процедура. Според Каиќ, покрај стандардните проверки, потребно е да се воведат и скрининзи за болести кои не се присутни или се исклучително ретки во земјата, со цел навремено откривање и спречување на нивно евентуално ширење.

Последниот регистриран случај на лепра во Хрватска датира од пред повеќе од 30 години. Според официјалните податоци, во текот на 20 век во земјата биле евидентирани околу 20 случаи, што ја прави оваа болест исклучително ретка во хрватски контекст.

Што е лепра?

Лепрата, позната и како Хансенова болест, е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Таа најчесто ги зафаќа кожата, периферните нерви, како и мукозните мембрани на носот и грлото.

Болеста може да се појави во различни форми – од благи, локализирани промени на кожата, до потешки облици кои, доколку не се лекуваат навреме, можат да доведат до трајни оштетувања и деформитети.

Лепрата се пренесува претежно преку капки при кашлање или кивање, но најчесто е потребен долг и близок контакт со нелекувано заразено лице. Денес, со современата медицина, болеста е излечива и раното откривање значително го намалува ризикот од компликации и пренос.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни