Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис заедно со претставници од Министерствата за надворешни работи, образование и култура в среда ќе го посети Каиро и ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Египет Бадр Абделати, а главната тема се очекува да бидат случувањата што се однесуваат на Синајскиот манастир Света Катерина, по неодамнешната одлука на египетскиот суд, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-министерот за надворешни работи на Грција Јанис Ловердос, говорејќи за државната телевизија ЕРТ посочи дека посетата на Герапетритис има за цел да продолжат преговорите на политичко и технократско ниво.
– Дури и со оваа судска одлука, треба да биде јасно дека манастирот не се затвора, нема иселување на монасите, не се претвора во музеј и имотот на манастирот не се конфискува. Постојат некои сиви зони, тие треба да се разјаснат и затоа Владата реши посетата во Каиро да биде на највисоко можно ниво од самиот министер за надворешни работи, истакна Ловердос.
Објасни дека судската одлука не е на политичко ниво, се однесува на приватни прашања, а тие не коментираат судски одлуки, но посочи дека грчко-египетските односи се многу добри на политичко ниво, додека случајот со манастирот Света Катерина е „многу деликатно и важно прашање“ за нив и е од национално значење.
– Во односите меѓу Грција и Египет постои заедничко разбирање за многу прашања што се однесуваат на Синајскиот манастир Света Катерина, главно за зачувувањето на неговиот поклонички и религиозен карактер, нешто што беше потврдено за време на средбата меѓу двајцата лидери Мицотакис и Ел-Сиси во мај овде во Атина и нешто што беше потврдено од претседателот на Египет Ел-Сиси, пред неколку дена кога беше објавено прашањето со судската одлука, објасни заменикот МНР на Грција.
Како што во петокот објави МИА, случувањата поврзани со манастирот Света Катерина Синај беа во фокусот на телефонски разговор, на премиерот на Грција Киријакос Мицотакис и претседателот на Египет Абдел Фатах Ел-Сиси, а двајцата лидери се согласија дека решението е во веќе документираното заедничко разбирање на двете страни, како и во она што беше договорено тет-а-тет и јавно објавено за време на посетата на претседателот на Египет на Атина на 7 мај.