Ивана живеела во постојан страв и под притисок од закани – сведочеше денеска нејзиниот брат Александар Стојановски на рочиштето.
Според неговите зборови, таа не се враќала кај сопругот доброволно, туку поради страв за сопствениот живот и безбедноста на нивната ќерка.
Стојановски изјави дека односот меѓу сопружниците се влошувал со текот на времето, а Ивана постепено се изолирала од блиските.
По инцидентот во Штип, кога Стојанче ги оставил неа и нивната ќерка среде автопат, таа се вратила да живее кај родителите. Тогаш, како што сведочи братот, почнала отворено да зборува за проблемите.
„Ми кажа дека има сериозни проблеми и дека ѝ треба помош. Се сомневаше дека обвинетиот фалсификувал документи и го префрлил станот на свое име без нејзина согласност“, изјави тој.
Дополнително, таа тврдела дека има докази на својот телефон, но се плашела да ги сподели.
Стојановски посочи дека Ивана добивала закани и уцени, а во еден момент обвинетиот ѝ побарал 30.000 евра за да се повлече од станот.
„Ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот. Барал пари за да си оди. Таа побара помош од мене, и се согласив да ѝ помогнам, но сакавме да бидеме сигурни дека нема да биде измамена“, сведочеше братот.
Тој додаде дека семејството било сериозно загрижено, особено поради тоа што обвинетиот поседувал оружје.
Во меѓувреме, комуникацијата со Ивана станала невообичаена, што дополнително ги зголемило сомнежите дека некој друг можеби пишува пораки во нејзино име.
Случајот продолжува да ја потресува јавноста, отворајќи сериозни прашања за навремено препознавање и спречување на семејно насилство.