Според предлогот, полнолетни граѓани би можеле да одгледуваат до четири растенија канабис во својот дом и да поседуваат до седум грама суви цветови на јавни површини. Предвидена е и толерантна граница за присуство на ТХЦ кај возачите, додека продажбата останува строго казнива. Иако е дел од коалицијата, партијата на Социјалдемократите (СД) не го поддржа предлогот со свој потпис.
Четири растенија, 300 грама залиха по домаќинство
На консултативниот референдум во јуни минатата година, две третини од граѓаните гласаа за употреба на марихуана во медицински цели, додека нешто повеќе од 51% поддржаа ограничена лична употреба.
Предлог-законот дозволува одгледување на до четири растенија на адреса на постојан или привремен престој, со максимум од шест растенија по домаќинство. На јавни места, граѓаните ќе смеат да носат до седум грама канабис, додека дома ќе можат да чуваат до 150 грама, односно 300 грама по домаќинство, изјави пратеничката од Слобода, Сара Жибрат.
Правила за возачите и работниците
Законот предвидува воведување на граница на ТХЦ во крвта кај возачите, слично како кај алкохолот. Ако концентрацијата е под три нанограми ТХЦ на милилитар крв и не се забележуваат психомоторни нарушувања, нема да има казна. При лесни нарушувања, казната ќе биде 300 евра и четири казнени поени; за концентрација од три до пет нанограми – 600 евра и осум поени; над пет нанограми – 1.200 евра и 18 поени.
Посебен акцент се става и на заштитата на работниците – на работодавачите ќе им биде забрането да тестираат вработени на ТХЦ при редовни лекарски прегледи. Законските мерки предвидуваат и заштита на малолетници, забрана за нивен пристап до растенијата, како и забрана за пушење канабис во нивна близина, особено околу образовни институции.
Продажбата казнива, подарување дозволено
Пратеничката на Левица, Наташа Сукич, изјави дека законот ја спроведува волјата на граѓаните изразена на референдумот, воведувајќи јасна и строга регулатива. Продажбата на канабис ќе биде и понатаму забранета и казнива, но ќе се дозволи подарување во рамки на дозволените количества.
Сукич додаде дека канабисот, според научните истражувања, не е поопасен од веќе легални супстанци како што се алкохолот и тутунот, и оцени дека законот ќе придонесе за дестигматизација на растението и неговите корисници.
Социјалдемократите (СД) сè уште не го поддржуваат законот, бидејќи сметаат дека е недоволен и не ја исполнува целосно волјата на гласачите, барајќи дозвола за одгледување повеќе растенија. Сепак, не најавуваат директно противење на предлогот. На денешното гласање, шест пратеници од СД го поддржаа предлогот, додека еден беше отсутен.
Употребата во медицински и научни цели веќе дозволена
Словенечкиот парламент веќе го усвои законот за употреба на канабис за медицински и научни цели со 50 гласа „за“ и 29 „против“. Законот овозможува на лекарите да препишуваат канабис за различни состојби, врз основа на стручна проценка. Ќе може да се издаде само за еден месец и со неoбновлив рецепт, по задолжителен лекарски преглед, кој ќе се повторува еднаш годишно.
Според Сара Жибрат, овој закон претставува „револуција“ и за економијата, бидејќи не создава монопол во одгледувањето медицинска конопа. Секоја компанија што ќе ги исполни законските услови ќе може да аплицира за дозвола.
Законот, како што беше посочено на парламентарната седница во јуни, ќе ги отстрани непотребните бирократски бариери што постојат во други држави каде што постои државен монопол или обврзна откупна политика.