Словенија ја легализира асистираната смрт – таа стана прва земја од Источна Европа со ваков закон

Пациентите со терминални болести во Словенија сега ќе имаат можност да го завршат својот живот.

Словенија стана првата земја од Источна Европа што го легализираше асистираното умирање, во време кога оваа опција на крајот од животот се проширува низ континентот. Словенечките пратеници го усвоија законот за асистирано умирање минатиот месец, но противниците веќе се мобилизираат за да го укинат, прнесува Euronews.

Пациентите со терминални болести сега ќе можат да одлучат самите да го завршат својот живот. Асистираното умирање може да се однесува на активна еутаназија, кога лекарот намерно го завршува животот на пациентот, или асистирано самоубиство, кога медицински персонал му обезбедува на пациентот средства самиот да си го одземе животот.

Во Словенија, според локалните медиуми, пациентите ќе имаат пристап до асистирано самоубиство, при што тие самите ќе треба да ја проголтаат или инјектираат супстанцата.

Пациентите ќе мора двапати да ја искажат својата намера пред својот лекар, пред да поднесат официјално барање, кое потоа треба да го одобри независен лекар. Психијатар исто така ќе ја процени нивната способност за донесување одлука.

Медицинските работници ќе го задржат правото да одбијат учество во постапката.

Минатата година, 55 отсто од словенечките гласачи поддржаа асистирано умирање на референдум. Предлогот наиде на препреки, но на крај беше усвоен во јули по повеќе гласања во парламентот.

Реакциите беа брзи и остри, при што поддржувачите се најдоа во ситуација да го бранат новиот закон дури и пред да започне неговата примена.

„Сето ова не претставува никакво убиство, што е злонамерен акт“, рече Андреј Плетерски, член на здружението „Сребрена нишка“, здружение за достоинствена старост, и еден од коавторите на законот.

„Овој закон зборува за помош при завршување на сопствениот живот“, додаде тој. „Им овозможува на сите луѓе крај на животот според сопствен избор – дали сакаат некаква помош за да го скратат, а им овозможува и на оние што сакаат природен крај на животот да си го обезбедат тоа“.

Мислењата се поделени во Словенија

Тина Вуга го загубила својот татко пред само два месеца.

Тој добивал палијативна нега во последните денови од животот, но до крајот трпел силни болки.

Таа смета дека луѓето треба да имаат право да го завршат својот живот со помалку страдање.

„Сметам дека е клучно што во 21 век конечно сме подготвени за овој чекор во нашата цивилизација – да им дадеме на луѓето можност – потенцирам, можност – самостојно да одлучат дали и кога сакаат да ја завршат својата приказна“, рече Вуга.

„Мораме да го почитуваме и тоа време. А најмногу, да им овозможиме на луѓето да заминат на начин што тие го посакуваат, за да ја зачуваат својата достоинственост“, додаде таа.

Според моменталната верзија на законот, Фондот за јавно здравство ќе ги покрива трошоците за постапката за словенечки државјани и постојани жители со здравствено осигурување.

Но законот се соочува со можни одложувања

Примената на законот би можела да се одложи поради отпорот на групацијата „Коалиција против труење на пациентите“, која собра 15.000 потписи за да го блокира.

Ако успеат да соберат 40.000 потписи во рок од 35 дена, ќе се одржи обврзувачки референдум за укинување на законот.

Некои Словенци стравуваат дека ранливи пациенти би можеле да бидат притиснати да изберат асистирана смрт, или дека таков закон би можел да се искористи за намалување на поддршката за ментално здравје или палијативна нега.

„Многу луѓе ќе се почувствуваат охрабрени со овој закон“, вели д-р Бојана Беовиќ, претседателка на Лекарската комора на Словенија.

„Нивниот живот се ближи кон крајот, се стари, не чувствуваат дека се корисни во општеството и најдобро е да си заминат од овој свет и од своите блиски“, рече таа.

„Законот е формиран така што нема метод што е прифатлив за пациентот сам по себе за ублажување на страдањето и подобрување на состојбата“.

Таа верува дека законот ќе ја подели медицинската јавност во Словенија.

„Многу е веројатно дека за многу лекари ова ќе биде прашање на приговор на совеста, и на крај можеме да завршиме со ситуација слична на таа во Швајцарија, каде што постапката ја врши специфична група лекари“, додаде Беовиќ.

Сепак, Плетерски смета дека асистираното умирање треба да биде една од опциите за терминално болните пациенти, заедно со други видови медицинска грижа.

„Палијативната грижа, секако, е нешто многу важно, но за жал, дури и кога е најдобра, не може да им помогне на сите луѓе. И токму затоа постои овој закон, кој не обврзува и не присилува никого“, рече тој.

Асистирано умирање во Европа

Околу 282 милиони луѓе во светот живеат во земји или региони каде што е дозволена медицинска помош при умирање (MAID), со стапка на употреба од 0,1 до 5,1 отсто од сите смртни случаи, според студија објавена годинава во списанието JAMA Internal Medicine.

MAID постои во неколку форми. Активната евтаназија и асистираното самоубиство се разликуваат според степенот на вклученост на лекарот во смртта на пациентот, додека пасивната евтаназија претставува прекинување или воздржување од животозачувувачки третмани на барање на пациентот или неговото семејство.

Швајцарија дозволува асистирано самоубиство од 1942 година, но активната евтаназија не е дозволена. Незаконски е да му се помогне на некој да умре од себични причини.

Во Европа, земји како Белгија, Холандија, Луксембург, Шпанија и Австрија дозволуваат некаков облик на асистирано умирање.

Во последниве години, законодавците во Франција, Ирска, Италија, Исланд и Обединетото Кралство дискутираа за политики поврзани со асистираното умирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни