По интензивни општествени дебати и минатогодишниот референдум на кој граѓаните дадоа јасна поддршка, парламентот ја потврди одлуката за легализација на асистираното самоубиство.
Собранието гласаше со 50 гласа „за“, 34 „против“, а тројца пратеници останаа воздржани. Законот предвидува строги услови и постапки кои треба да бидат исполнети, за ова право да биде достапно само за оние кои се соочуваат со неизлечиви болести и неподносливо страдање – исклучиво во случаи каде што медицината веќе не може да понуди подобрување.
Според новите правила, само луцидни пациенти ќе можат да побараат медицинска помош за доброволно завршување на животот, и тоа по исцрпување на сите можни третмани. Законот не важи за лица со ментални нарушувања, дури и кога страдањето е сериозно.
Со ова, Словенија се приклучува на Швајцарија и Австрија – земји кои веќе одамна им го признаваат правото на достоинствен крај на оние за кои животот станал неподнослива борба.
Новата регулатива, иако дели мислења, отвора сериозен разговор за личната автономија, медицинската етика и правото на избор – прашања што сè повеќе се поставуваат и во други европски држави.
Извор: Index.hr