Словенечко-македонскиот филм „Фантази“ ја освои главната награда на Филмскиот фестивал во Трст

Словенечко-македонската копродукција „Фантази“ ја освои главната награда за долгометражен игран филм и признание од Cineuropa на Филмскиот фестивал во Трст.

Словенечко-македонската копродукција „Фантази“ (Fantasy), во режија на Кукла, ја освои главната награда за најдобар долгометражен игран филм на 37- мото издание на Филмскиот фестивал во Трст, кој заврши на 24 јануари 2026 година. Филмот доби и специјална награда од жирито на европскиот филмски портал Cineuropa, што претставува значаен меѓународен успех за оваа регионална копродукција.

Тричленото стручно жири ја образложи одлуката со следниве зборови:
„Филм кој со леснотија и живост ја преплетува реалноста со фантазијата и раскажува приказна што целосно го вовлекува гледачот. Со прецизност, почит и емпатија истражува што значи да се биде млада жена во длабоко традиционална средина.“

Главната награда, која го носи името „Трст“, вклучува и парична награда од 5.000 евра, наменета за режисерот или режисерката на наградениот филм.

Признание и од Cineuropa

Покрај главната награда, „Фантази“ ја доби и наградата на жирито на Cineuropa – водечки европски филмски и аудиовизуелен портал кој се објавува на четири јазици. Во образложението, жирито истакнува:

„Поради суптилниот начин на кој филмот го прикажува преминот од адолесценција во зрелост, преку прашањата за соништата, пријателството, љубовта и меѓугенерациските односи. Поради современиот и носталгичен приказ на балканскиот мозаик од јазици, религии и култури. Поради неконвенционалната и меланхолична електронска музика, сонишната фотографија исполнета со мистични светла, ноќи, месечини и златни птици, како и поради архитектонските локации прикажани како живи, самостојни ликови.“

Режисерката Кукла, по добивањето на двете награди во Трст, изјави дека признанијата се голема потврда за целиот тим:

„Неизмерно сум среќна и благодарна што и жирито на фестивалот во Трст и Cineuropa го препознаа и почувствуваа ‘Фантази’. Ова е потврда за работата на целата креативна, техничка и продукциска екипа, која го создаваше филмот со голема посветеност и срце. Посебно значење за мене има и фактот што дел од филмот е снимен во населбата Мелара во Трст, што симболично и емотивно го заокружува кругот на приказната.“

Приказна за идентитет, пријателство и слобода

Филмот „Фантази“ ги следи Михрије (Сара Ал Салех), Сина (Мина Миловановиќ) и Јасна (Миа Скрбинац) – три пријателки во раните дваесетти години кои растат во имигрантска средина и се спротивставуваат на очекувањата на своите семејства. Нивното секојдневие се менува кога во соседството се доселува Фантази (Алина Јухарт), трансродова жена која станува катализатор за нивното истражување на родот, желбата и сопствениот идентитет.

Богата фестивалска траекторија

„Фантази“ веќе има импресивна фестивалска историја. Филмот освои пет награди „Весна“ на Фестивалот на словенечки филм во Порторож, наградата „Срце на Сараево“ за актерска игра, како и специјално признание „Mermaid“ на Филмскиот фестивал во Солун. Светската премиера се одржа во август 2025 година на Филмскиот фестивал во Локарно.

„Фантази“ е словенечко-северномакедонска копродукција, со главен продуцент December Film, реализирана со мнозинска поддршка од Словенечкиот филмски центар. Филмот моментално е во редовна кинодистрибуција во Словенија, под водство на Gustav Film.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни