Словенечката авторка Мајда Корен гостинка на 12. Про-За Балкан

На 12 издание на Интернационалниот литературен фестивал Про-За Балкан оваа година, ќе имаме уникатна можност да се запознаеме со Мајда Корен, една од најпознатите авторки на детска литература од Словенија. Во ова интервју, таа зборува за значењето на директните средби со младата публика, креативниот процес во пишувањето за деца и важноста на поттикнувањето на читањето уште од најрана возраст.

Трн: Колку се важни средбите со децата, како оваа на фестивалот Про-за Балкан, за Вас? Дали директниот контакт со младата публика Ве инспирира да создадете нови приказни?

Мајда: Секоја средба, секоја изведба е посебна, неповторлива. Децата се исти секаде во светот – радосни, љубопитни, разиграни и искрени. Секогаш на вакви настани некое дете ќе каже нешто интересно или смешно што вреди да се запише. Еднаш, при посета на училиште во Словенија, сериозно ме прашаа: „Зошто не ја испратите чудовиштето Мици во училиште?“ Тоа прашање ме натера да размислувам, и токму нивната желба ме охрабри да ја испратам Мици, која претходно беше дома и правеше глупости, во училиште. Така настана уште една серија книги со приказни што се случуваат во училиште.

Трн: Еден писател еднаш рече дека писател за деца не се создава, туку се раѓа. Какво е Вашето мислење за ова? Дали пишувањето за деца бара посебни вештини, начин на размислување и емпатија?

Мајда: Се согласувам со изјавата. Треба да имате вродено чувство за хумор и способност ментално да се идентификувате со децата – со нивниот начин на размислување и емоции. Иако модерните детски приказни повеќе се фокусираат на животот на модерното дете во урбана средина, сепак на децата им требаат и стравот и тензијата, како во класичните бајки, но на крајот им е потребно и олеснување дека сè ќе биде во ред.

Трн: Како го одржувате детскиот поглед на светот при создавањето на Вашите дела?

Мајда: Моето детство беше вистинско детство – трчање наоколу, качување по дрвја и многу читање. Дел од тие спомени секако се појавуваат во моите приказни, но најмногу инспирација добивам од животот на денешните деца. Набљудувањето на децата ми е клучен дел од креативниот процес. Тоа што децата знаат дека не ги потценувам е причината поради која се поврзуваат со моите книги.

Трн: Дали мислите дека вашата земја доволно го поддржува промовирањето на читањето кај децата?

Мајда: Во училиштата постои програма за задолжително читање, но книгите се тешко достапни, па се користат и пиратски PDF-изданија. Постои и проект за значки за читање, каде децата се поттикнуваат сами да изберат книги, а една од нив мора да биде поезија. Има и кампањи за читање со родителите, како и проектот каде секој првооделенец добива подарок книга. Секогаш има простор за нови проекти за промоција на читањето – никогаш не се премногу!

Трн: Вашата книга „Ева и козата“ е на листата на 250 најдобри нови детски книги на White Ravens. Што е потребно една книга за деца да се издвои?

Мајда: Успехот на книгата е во наоѓањето баланс – текстот треба да биде квалитетен и истовремено привлечен за децата. Моите книги, особено серијалот за чудовиштето Мици, успеаја да го постигнат токму тоа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни