Словачкиот премиер Роберт Фицо остана без владиниот авион во Брисел откако леталото било оштетено при манипулација на аеродромот, соопштија словачките власти. Инцидентот се случил по пристигнувањето на премиерот на самитот ЕУ–Западен Балкан и состанокот на Европскиот совет.
Авионот, кој припаѓа на Одделот за воздухопловство при Министерството за внатрешни работи на Словачка, бил оштетен од возило со подвижни скали за качување и симнување патници. Според првичните информации, оштетувањето било толку сериозно што авионот е прогласен за технички неисправн и неспособен за понатамошен лет.
„Напорниот самит во Брисел не започна добро. Возило со подвижни скали го оштети нашиот авион на аеродромот до таа мера што не може да лета и мора да остане тука“, изјави Фицо.
Премиерот во средата вечерта учествуваше на самитот на лидерите на Европскиот совет и земјите од Западен Балкан, а денеска е најавено негово учество и на состанок на неформалната група за индустрија и конкурентност, по што ќе следи и редовниот самит на Европската Унија.
На агендата на европските лидери се теми како финансирањето на Украина, европската безбедност, проширувањето на ЕУ и долгорочниот буџет за периодот 2028–2034 година. Дополнително, ќе се разговара и за состојбата на Блискиот Исток, миграциите и економската конкурентност на Унијата.
Засега не е соопштено како и кога словачката делегација ќе се врати во земјата, ниту дали ќе биде обезбедена замена за оштетениот авион.
