Словачка ќе дозволи продажба на месо од кафеава мечка

Месо од кафеави мечки – заштитен вид во Европската Унија – наскоро ќе може легално да се продава и консумира во Словачка. Владата на оваа земја минатиот месец одобри отстрел на околу една четвртина од вкупната популација од 1300 мечки, како одговор на неодамнешните напади врз луѓе.

Одлуката предизвика остри реакции од страна на еколошките организации и дел од политичарите, вклучувајќи и европратеници. Иако мечката е класифицирана како „речиси загрозен вид“, словачката влада продолжува со планот и најави дека месото од убиените животни ќе биде достапно за продажба.

Министерот: Месото од мечка може да се јаде

Според новата регулатива, од следната недела организациите под надлежност на Министерството за заштита на животната средина ќе можат да го понудат месото за продажба, под услов да се почитуваат сите хигиенски и правни стандарди.
Досега, убиените мечки се испраќале во постројки за отстранување животински остатоци, но министерот Филип Куфа тоа го смета за „расипништво“.

„Ќе дозволиме консумација на секое отстрелано животно што ги исполнува условите. Зошто? Затоа што месото од мечка е јадливо“, изјави министерот.

Мечките станаа политичко прашање во Словачка по зголемениот број инциденти, вклучувајќи и смртни случаи. Земјата е втора по број на напади во Европа, веднаш по Романија, каде што се проценува дека живеат околу 13.000 мечки.

Мечка уби маж во шумите на централна Словачка

Во април оваа година, маж загина додека шетал низ шума, нападнат од мечка. Тоа беше повод премиерот Роберт Фицо да најави дека владата ќе дозволи отстрел на до 350 мечки – број кој одговара на вкупната популација на кафеави мечки во Шпанија.
Владата тврди дека бројот на напади се зголемува поради неконтролиран раст на популацијата.

Сепак, еколозите и опозициските политичари повикуваат на фокус кон превенција, наместо на масовен отстрел. Михал Виежик, еколог и европратеник од опозициската партија Прогресивна Словачка, изјави за BBC дека владината политика е „апсурдна“, посочувајќи дека илјадници средби со мечки годишно минуваат без инциденти. Тој се надева дека Европската комисија ќе интервенира.

Ризик од трихинелоза

Иако месото од мечка се смета за деликатес во одредени делови од Источна Европа и Скандинавија, тоа не е вообичаена храна во Европа. Мечките се строго заштитени според директивите на ЕУ и смеат да се отстрелуваат само во исклучителни случаи – како што е директна закана по јавната безбедност.

Дури и таму каде што се дозволува консумација, здравствените власти предупредуваат на ризик од трихинелоза – паразитска инфекција што може сериозно да го загрози здравјето на човекот.

Во поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ, вакво месо ретко се наоѓа во продажба и обично потекнува од строго контролирани ловишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни