Објавувањето на нов сет документи од т.н. „досиеја Епштајн“ предизвика сериозен политички потрес во Словачка, откако во нив се најдоа електронски пораки што укажуваат на контакти помеѓу осудениот американски финансиер Џефри Епштајн и познатиот словачки дипломат Мирослав Лајчак, актуелен советник на премиерот Роберт Фицо.
Документите, што содржат илјадници страници материјали за мрежата и контактите на Епштајн со меѓународни политички и деловни фигури, откриваат дека тој повеќепати го споменувал Лајчак, опишувајќи го како човек со „меѓународно влијание“. Во една преписка го нарекол и со прекарот „Миро“, што укажува на одредено ниво блискост.
Пораки за словачката политика
Во е-пошта од 2019 година, Епштајн го претставил Лајчак на неименуван контакт како тогашен министер за надворешни работи, претседател на ОБСЕ, поранешен претседател на Генералното собрание на ОН и – како што напишал – „пријател“.
Во друга порака од 2018, објавена од порталот 360-tka.sk, Епштајн наведува дека „Миро доаѓа во Палм Бич за стратешко планирање“, алудирајќи на неговата резиденција во Флорида.
Документите, како што забележува словачкиот портал Aktuality.sk, не содржат докази дека Лајчак знаел за незаконските активности на Епштајн, но покажуваат дека финансиерот пројавувал интерес за словачките политички случувања – од оставката на Роберт Фицо во 2018, до критики за изборот на претседателката Зузана Чапутова во 2019, за која сметал дека Лајчак „би бил подобар кандидат“.
Политички барања за одговори
Лидерот на Словачката национална партија (СНС), Андреј Данко, јавно го повика Лајчак да каже дали преписките се автентични. Тој побара и поранешниот заменик-министер Иван Корчок да објасни дали бил запознаен со комуникацијата.
СНС смета дека надлежните треба да утврдат дали меѓу пораките има размена на информации кои би можеле да укажат на евентуален проток на податоци кон странски актери.
Министерството за надворешни работи и самиот Лајчак, според словачките медиуми, засега не одговориле на барањата за коментар.
Што уште откриваат документите?
Меѓу објавените материјали се и пораки во кои Епштајн му испраќа на Лајчак линк од „Daily Beast“ за состојбата на претседателот Доналд Трамп, а Лајчак – според документите – одговара од својата службена адреса.
Постојат и пораки во кои Епштајн му пишува на Стив Бенон, споменувајќи го Лајчак како „Миро“ и сугерирајќи дека би можел да раководи со „европски проект“.
Извор: Vecer.mk
