Слободен влез утре на концертот во Филхармонија

По повод одбележувањето на 175 години од смрта на еден од најзначајните светски композитори за пијано Фредерих Франсоа Шопен, во среда на 30 октомври со почеток во 19:00 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи концерт „Ноктурно за Шопен“ на кој премиерно ќе бидат изведени 17 дела од современи композитори – жени напишани во чест на Шопен.  Композициите на пијано ќе ги изведуваат наши млади и талентирани ученици, како и ученици со атипичен развој од основните и средните музички училишта во Скопје, Битола, Штип, Велес, Кочани и Струмица.

Идеен творец и организатор на концертот „Ноктурно за Шопен“ е м-р Биљана Петрова Таковска, професорка по пијано, која за композициите кои ќе се изведуваат појаснува дека потекнуваат од збирката „22 ноктурна за Шопен од жени композитори“ (22 Nocturnes for Chopin by Women Composers), која настанала како резултат на повик кон сите талентирани, но се уште необјавувани  жени композиторки, чии дела за пијано го слават и се инспирирани од великанот Шопен.  Како цели на овој настан меѓу другите се наведуваат поддршката и промоцијата на млади музички таленти, инклузија на млади со атипичен развој кои го изучуваат инструментот пијано, како и родова рамноправност во изведувачката уметност и доближување до европските вредности.

Покровител на концертот „Ноктурно за Шопен“ е КаСис, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички.

Влезот е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни