Слободен печат повторно мета на ботовски напади

По нападот во ноември 2025, координирани ботовски активности повторно се обидуваат да ги замолчат профилите на „Слободен печат“ на социјалните мрежи

Редакцијата на „Слободен печат“ повторно се соочува со координирани ботовски напади на социјалните мрежи, со очигледна цел да се загаснат нивните профили на Инстаграм. По претходниот напад во ноември минатата година, денес нападите продолжуваат и се прошируваат, овојпат и врз вториот профил на медиумот @slobodenpecat.mk.

„Не само што нападите не прекинаа, туку денес продолжуваат и на нашиот втор профил, со цел целосно да се замолчат нашите гласови на Инстаграм“, информираат од редакцијата.

Ова не е првпат „Слободен печат“ да биде цел на вакви злонамерни активности. Првиот сериозен ботовски напад беше регистриран на 7 ноември 2025 година, кога медиумот јавно алармираше за обидите за дигитална саботажа, а поддршка пристигна и од други медиуми и граѓански платформи.

Повторувањето на ваквите напади отвора сериозни прашања: кому му пречи „Слободен печат“ и зошто независното новинарство повторно станува цел на дигитален притисок?

Ботовските напади, масовните пријавувања и координираните обиди за гасење профили се веќе познат механизам за замолчување на медиуми и критички гласови. Наместо аргументи, се користи техничка и алгоритамска репресија, со што директно се загрозува слободата на информирање и правото на јавноста да биде известена.

Во време кога медиумската слобода е под зголемен притисок, и во онлајн и офлајн просторот, ваквите напади не се изолиран инцидент, туку симптом на поширок проблем. Слободата на говор и медиумскиот плурализам не се апстрактни вредности, туку темел на секое демократско општество. Нападот врз еден медиум е порака и предупредување до сите други.

Одбраната на независните медиуми не е само професионална солидарност, туку и јавен интерес.

Редакцијата на ТРН ќе продолжи да ја следи состојбата и да информира за сите обиди за загрозување на медиумската слобода, потсетувајќи дека слободниот говор не смее да биде жртва на ботови, алгоритми и скриени центри на моќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни