Слободата на медиумите не се мери во кликови – туку во услови за достоинствена работа

Светскиот ден на слободата на медиумите 2025 ја носи темата „Известување во храбриот нов свет – Влијанието на вештачката интелигенција врз слободата на медиумите“, потсетувајќи нè дека новинарството денес не се одвива само на терен или во редакција, туку и во дигиталниот простор каде што алгоритмите, коментарите и економските интереси го креираат амбиентот во кој новинарите работат.

Во таа нова реалност, прашањето не е само што е вистина, туку и кој ја креира, филтрира и обликува. Вештачката интелигенција нуди нови можности, но и носи со себе ризици – за новинарската професија, за интегритетот на информациите и, пред сè, за слободата на медиумите.

„На крајот сè се сведува на етичкиот интегритет на медиумите, а не на алатките кои ги користат“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски, посочувајќи дека иако вештачката интелигенција ќе има влијание врз содржината, храброста и независноста на новинарот се незаменливи.

Коментирањето и оценувањето на новинарскиот труд не мора да ја загрози слободата на новинарите. „Проблемот е во тоа кој го прави тоа и со кој мотив“, вели тој. Невладините и еснафските организации, според него, имаат легитимно право да ги следат медиумите, сè додека тоа се прави со цел заштита на професионалните стандарди. „Но ако тоа го прави Владата, или државна институција, треба да се биде особено внимателен, бидејќи постои опасност тоа следење да се претвори во влијание врз уредувачката политика“, предупредува Арсовски.

Сличен став имаат и од Синдикатот на новинари на Македонија. Тие потенцираат дека критиката сама по себе не е закана – напротив, аргументираната критика може да биде здрава за демократијата. Но кога критиката преминува во лични напади, дискредитации и закани, тогаш веќе се загрозува слободата на изразување. „Новинарската работа е јавна, но мора да се прави разлика меѓу професионална критика и политички или лични напади“, велат од ССНМ.

Кој, тогаш, има право да ја оценува новинарската работа? И Арсовски и синдикатот се согласуваат дека тоа треба да бидат професионалните тела, еснафските организации и критичката јавност, а не политичките структури. „Ако оценувањето се претвори во уредувачки притисок, тогаш тоа веќе не е слобода на говор“, додава Арсовски.

Но, каква е актуелната клима во Македонија кога станува збор за новинарската слобода? Арсовски оценува дека е прерано за генерална оценка, но дека најголемите закани денес не се правни или законски, туку економски. „Медиумите, како и секој друг бизнис, зависат од финансии. Кога Владата, на пример, дискреционо финансира медиуми, тоа претставува интервенција во нивната финансиска независност“, вели тој.

Од Синдикатот дополнуваат дека економската зависност на медиумите е клучниот проблем: голем дел од новинарите работат во несигурни услови, без соодветни плати или заштита, што ги прави ранливи на притисоци. „Кога новинарите стравуваат за егзистенцијата, нивната способност да бидат гласни, објективни и критички настроени – се намалува“, посочуваат од ССНМ.

Во тој контекст, новата технологија – вештачката интелигенција – може да биде и закана и можност. „ВИ е алатка, и како секоја алатка, зависи како и од кого се користи“, вели Арсовски. Тој верува дека етичкиот интегритет на новинарите ќе биде поважен од секоја технологија. „Храброста останува најважна. ВИ не може да ја замени етичката одлука на новинарот да истражува, да се спротивстави, да инсистира на вистината“, додава тој.

Според него, известувањето ќе биде под зголемен предизвик, бидејќи ВИ овозможува брзо ширење и на точни и на лажни информации. Но, сериозните анализи и истражувачките стории – токму тие ќе добијат нова тежина и значење.

Во суштина, Светскиот ден на слободата на медиумите не треба да биде само симболичен потсетник на важноста на независното новинарство. Тој треба да биде аларм – дека слободата не е дадена, туку избор кој секојдневно треба да се брани. И во дигиталниот, и во вистинскиот свет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни