Во издание на издавачката куќа Антолог, објавен е македонскиот превод на сликовницата „Си беше еднаш на Божиќ“ од украинската писателка Надијка Гербиш, илустрирана од Јулија Пилипчатина, во превод на македонски јазик на Вера Чорниј-Мешкова, дело кое на топол и суптилен начин го носи вистинскиот дух на Божиќ и универзалните вредности на добрината, солидарноста и заедништвото.
Книгата претставува прекрасна и топла бајка во која живее вистинскиот дух на еден од најголемите христијански празници. Семејството ежиња – таткото, мајката и нивните три дечиња – не само што се подготвуваат за празникот и ја раскажуваат приказната за раѓањето на Исус, туку и примаат неочекувани гости: две мали верверички што се изгубиле во шумата. Преку нивната заедничка приказна, ликовите учат како да бидат мудри, внимателни и како да ги отворат срцата за добрината и грижата за другите.
Оваа сликовница на нежен и поетичен начин им се обраќа и на најмладите и на возрасните читатели, нудејќи топла, зимска прегратка во која дури и најголемите чуда стануваат можни. Делото, иако тематски врзано за Божиќ, пренесува пораки што ја надминуваат сезонската рамка и остануваат релевантни во текот на целата година.
Со објавувањето на оваа книга на македонски јазик, нашата читателска публика добива можност да се запознае со современата украинска книжевност за деца, како и со авторски гласови кои имаат значајно место во културниот простор на оваа земја. Изданието претставува и чин на културна размена и поддршка, нагласувајќи ја важноста на литературата како мост меѓу различни јазици и култури.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Програмата за поддршка на преводи „Translate Ukraine“. Сликовницата е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.
За авторката: Надијка Гербиш (1987) е украинска писателка, преведувачка, новинарка и фотографка. Дипломирала на Киевскиот национален лингвистички универзитет со специјалност по англиски јазик и книжевност. Предава во Тернополскиот колеџ на Универзитетот „Украина“, а притоа пишува и преведува книги и патува низ светот. Есеите, расказите и песните на Надијка Гербиш се објавувани во бројни весници, списанија, зборници и интернет-портали. Многу од нив имаат добиено награди на книжевни конкурси – меѓу нив е и победата на натпреварот „Божиќно чудо“ во 2009 година во категоријата „Кратка проза (за деца од 5 до 8 години)“, што претставува почеток на нејзината активна работа во областа на украинската книжевност за деца. Гербиш се интересира за музика и фотографија, пишува поезија за деца и проза за возрасни, и е активна блогерка и патувачка. Има ќерка по име Богдана.
За илустраторката: Јулија Пилипчатина (1994) основно и средно образование завршила во Толјати (Русија), каде што се стекнала со диплома за наставник по историја, иако никогаш не работела во таа професија. По враќањето во Украина, се населила во Харков и од 2014 година станала активен дел од кругот на илустратори на книги за деца. Соработува со водечки украински издавачки куќи. Во последните години се занимава и со керамика, изработувајќи чинии и плочки кои ги слика. Во слободно време се грижи за своите кучиња и чита поезија.
