Слика на Пабло Пикасо од 1919 година исчезнала при транспорт кон Гранада, каде што требало да биде претставена на привремена изложба, објави фондацијата што ја организира изложбата.
Фондацијата „КахаГранада“ доцна вчера објави дека исчезнатата слика, мала врамена гваш со наслов „Мртва природа со гитара“, била дел од поголема пратка уметнички дела што биле префрлени од Мадрид во андалузискиот град за изложба насловена како „Мртва природа. Вечноста на неподвижното“.
Фондацијата денес потврди дека сликата, во сопственост на приватен колекционер и со димензии 13 на 10 сантиметри, била осигурана за проценета вредност од 600.000 евра.
Пратката била доставена до културниот центар КахаГранада на 3 октомври. Исчезнувањето на сликата било откриено дури во понеделник, кога кураторот на изложбата почнал да ги отвора сандаците.
Фондацијата објави дека ги прегледала безбедносните снимки од тој викенд и потврди дека во тој период не се случил никаков инцидент.
Откако откриле дека сликата е исчезната, фондацијата поднела пријава до полицијата, која отворила истрага.