По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап што ја симболизира независноста и мобилноста на слепите лица низ целиот свет, Коалицијата „Менуваме“ до надлежните институции испрати барања со цел да им се олесни животот на слепите и слабовидни лица.
„За коалицијата Менуваме, овој ден често се чувствува како момент кога политичките личности се појавуваат накратко, ги споменуваат слепите лица во минување, фотографираат, а потоа удобно ги кријат итните прашања околу нашите секојдневни борби под тепих. Со години, коалицијата Менуваме неуморно се залага за вистинска промена. Се залагавме и лобиравме на секое ниво, но слепите лица продолжуваат да се соочуваат со системско занемарување. Иако ги признаваме повремените јавни демонстрации на солидарност, она што ни треба е акција, а не симболични гестови. Тука сме да ги потсетиме државата и општеството дека потребите на слепите лица не треба да бидат занемарени“, се наведува во соопштението.
Од таму бараат финансирање на белиот стап за секое слепо лице. Според нив, Фондот за 2026 година мора веднаш да издвои ресурси за да се обезбеди секое слепо лице да има пристап до бел стап, едноставна, но витална алатка за движење со достоинство и независност.
„Итно повикуваме на имплементација на безбедни и достапни пешачки патеки, добро обележани премини и семафори дизајнирани имајќи ги предвид слепите лица. Правото на мобилност е фундаментално човеково право и слепите лица не треба да се движат низ свет што ги игнорира нивните потреби. Потребни ни се лиценцирани обучувачи кои се специјално опремени да ги научат слепите лица како да ги користат помагала дизајнирани за нивната мобилност. Обуката и градењето вештини се неопходни за да се обезбеди слепите лица да можат да живеат со автономија, самодоверба и безбедност“, се наведува во соопштението.
Според Коалицијата „Менуваме“, реалноста со која се соочуваат слепите лица е непроменета веќе 33 години.
Во Македонија има околу 2.500 слепи лица, а според податоци објавени на интернет, цените на белиот стап се движат од 1.200 до 10.000 денари.