Во петок, 12 декември, CGIL – најголемиот синдикат во Италија – ќе излезе на улиците за да протестира против законот за буџет на владата на премиерката Џорџа Мелони.
Од синдикатот објаснуваат дека генерален штрајк е свикан како одговор на тоа што извршната власт останува глува на барањата на работниците и креира буџет што ги зголемува трошоците за оружје, наместо да ги задоволува потребите на работниците и пензионерите кои се борат да врзат крај со крај.
Генералниот секретар на CGIL, Маурицио Ландини, ги објаснува причините што го наведоа синдикатот да свика генерален штрајк.
„Сакаме платите да се зголемат – луѓето не можат да бидат сиромашни додека работат. Платите мора да се зголемат, а инвестициите не треба да одат во оружје, туку во јавното здравство, јавното образование и знаењето. Треба да го исправиме неисправниот даночен систем и да се бориме против даночната евазија. Мора да потврдиме модел на општество заснован на потребите на луѓето.“ порача тој.
