Милиони луѓе ширум светот денес користат паметни уреди како часовници, прстени и апликации на мобилни телефони за да го следат својот сон. Уредите ветуваат информации за тоа колку долго сме спиеле, колку „длабок“ или РЕМ-сон сме имале и дали сме доволно одморени. Но, прашањето што сè почесто се поставува е колку овие податоци навистина ја одразуваат реалноста.
Уредите за следење на сонот, како Apple Watch, Fitbit или Oura Ring, всушност не го мерат сонот директно. Наместо тоа, тие го проценуваат преку индиректни показатели, како движењето на телото, срцевиот ритам и варијабилноста на пулсот. Врз основа на овие сигнали, алгоритмите пресметуваат дали лицето спие и во која фаза од сонот се наоѓа.
Според експертите, современите алгоритми се релативно прецизни кога станува збор за препознавање дали некој спие или е буден. Меѓутоа, проценките за фазите на сонот (како длабок, лесен или РЕМ-сон) се помалку сигурни и не можат целосно да се споредат со резултатите од клиничките испитувања во лабораториски услови, каде што сонот се следи преку мозочни бранови, дишење и мускулна активност.
И покрај тоа, уредите често создаваат впечаток на голема прецизност, прикажувајќи детални бројки и графикони. Ова, според невролози и специјалисти за спиење, може да ги наведе корисниците да се фокусираат премногу на поединечни ноќи или конкретни „оценки за сон“, наместо на долгорочните навики и трендови.
Стручњаците нагласуваат дека податоците од ваквите уреди се најкорисни кога се гледаат низ време. Ако некој редовно спие пократко, има чест прекин на сонот или забележува пад на квалитетот, тоа може да биде сигнал за промена на навиките или консултација со лекар. Но, една „лоша“ ноќ, според нив, не треба да биде причина за загриженост.
Истовремено, се појавува и нов феномен односно анксиозност предизвикана од следењето на сонот. Дел од корисниците развиваат опсесија со бројките, легнуваат со страв од тоа каква оценка ќе добијат наутро и се чувствуваат полошо токму поради постојаното следење. Истражувачите овој феномен го нарекуваат „ортосомнија“ – состојба во која стремежот кон „совршен сон“ станува извор на стрес.
Лекарите предупредуваат дека во такви случаи уредите ја губат својата функција. Наместо да помагаат, тие можат да ја зголемат вознемиреноста, особено кај лица кои веќе имаат проблеми со спиењето. Според нив, основните принципи на добра „хигиена на сон“ како редовно легнување, избегнување екрани пред спиење, пријатна и тивка средина, се далеку поважни од било која апликација или уред.
Сепак, дел од експертите гледаат и позитивна страна. Уредите за следење на сонот ја подигнуваат свесноста за значењето на одморот и можат да им помогнат на луѓето да забележат врска меѓу секојдневните навики и квалитетот на сонот, како консумирање алкохол, доцно јадење или нередовен распоред.
Во иднина, според научниците, потенцијалот на ваквите технологии може да оди и подалеку. Се истражува можноста уредите да откриваат рани знаци на инфекции, промени во менталното здравје или нарушувања на биолошкиот ритам, особено во средини каде што пристапот до здравствени услуги е ограничен.
До тогаш, пораката од експертите е јасна: уредите за следење на сонот можат да бидат корисна алатка, но не и конечен судија за нашето здравје. Податоците што ги нудат треба да се користат како насока, а не како дијагноза – и секогаш во комбинација со сопственото чувство и стручна проценка.
