Во Венеција, каде што улиците често се слепи патишта и завршуваат во вода, потпирањето само на GPS може да биде скапо – буквално.
Несреќата на млада Полјачка во Венеција повторно ја разгоре дебатата за тоа колку се сигурни дигиталните системи за навигација во градовите со сложен распоред како Венеција. Градот на вода, познат по својот лавиринт од тесни улички и безброј канали, честопати претставува предизвик дури и за најпрецизните апликации.
Имено, 40-годишната туристка Викторија Гузенда стана вирална на социјалните мрежи откако следејќи ги Google Maps, таа буквално заврши во канал.
Додека гледала во телефонот и го следела GPS-от, не забележала дека патеката по која ја водела навигацијата завршила со скали што водат директно во Големиот канал. И таа паднала во него.

Видеото од несреќата набрзо станало хит на мрежите со хумористичен опис: „Кога Google Maps ќе ви каже „одете право“ и сте во Венеција.“
Во друго видео, Викторија ги покажува гребнатинките и апелира до сите туристи да бидат повнимателни додека ја користат навигацијата.
Во Венеција нее е тешко да се заврши во вода
Венеција е позната по својот хаотичен урбанизам.
Улиците често завршуваат во канали без мостови, адресите се нумерирани нелогично, а броевите на зградите не го следат класичниот систем.
Апликациите за навигација, кои работат одлично во повеќето градови, честопати се „збунуваат“ тука и даваат неупотребливи насоки.
Сајтот Tour Leader Venice објаснува дека GPS има сериозни проблеми во оваа специфична средина. Освен што адресите не се прецизно мапирани, апликациите не препознаваат слепи патишта, скалила или мостови недостапни за лицата со попреченост и оние со багаж.
Кога дигиталните инструкции стануваат проблем
Во некои случаи, Google Maps може да биде корисен, но дава рути кои не се практичн
На пример, ги води туристите низ тесни премини кои на екранот изгледаат како обични улици. Всушност, ваквите места не се проодни, особено ако влечете куфер или туркате количка.
Поради сето ова, локалните водичи препорачуваат туристите да се вратат на добрите стари хартиени мапи, кои во Венеција се уште се многу посигурни од апликациите.
Лекција од несреќата
Падот на Викторија во каналот не е прв ваков случај, а веројатно нема да биде ни последен.
Нејзината приказна служи како потсетник дека технологијата, колку и да е напредна, не може да го замени здравиот разум и внимателното движење, особено во градови како Венеција.
Понекогаш, погледот нагоре од екранот може да ве спаси не само од погрешно свртување – туку и од пливање во каналот.