Сладолед за трпение

Седам под сонцето и јадам сладолед. Топло ми е, а се разладувам. Добивам мисла. Ги стегнувам очите. Зошто мислите не ми доаѓаат кога седам пред лаптоп и работам, туку баш вака – кога јадам сладолед? Зошто баш сега ми се мисли, кога треба само да уживам? И наместо да сум во моментот со сладоледот, пак барам каде да запишам нешто – на салфетка, на телефон, во глава – како по навика да ми е да бидам на работ да ми се стопи сладоледот.

Еве што ми текна. Она што во животот треба да се случи и е за тебе, за да биде убаво – треба да биде како сладолед што го правиш сам. Еве како оди работата: земаш состојки, ја правиш смесата, таа е течна, а треба да стане цврста. Го ставаш во замрзнувач и чекаш.

Кога ќе помине доволно време – зависно од фрижидерот – го вадиш и можеш да уживаш. Но, има замка, откако ќе го послужиш, ако го оставиш предолго, пак ќе се стопи. Шансата си ја имал, ама не си ја искористил.

Така научив што значи трпеливост. Или барем мислев дека учам сега, ама сфатив дека сум го учела тоа одамна. Само тогаш не ги викав лекции – мислев дека сè што се случува, се случува затоа што „така треба“.

Ама како да го оправдам тоа „така треба“, ако сладоледот го вадам на секои десет минути, а тој сè уште е течен? Не сум му дала време.

Мајка ми велеше: „Натали, дај му време. Дај му само време.“ И денес тоа ми останало. Дури и на времето му давам време. Ама некогаш се лутам на себе – зошто мора толку да чекам? Зошто не можам и јас да бидам од тие што одма добиваат што сакаат?

Па избрзувам. Сакам веднаш. Сакам сега. А добивам само стопен сладолед – без форма, без вкус, без шанса да се врати. И тогаш си велам: зошто не почекав? Како што знам да чекам.

Сега знам – сè што вреди, бара време. Не го проверувај сладоледот на секои десет минути. Верувај во процесот.

И животот е таков. Некои нешта не се случуваат кога јас сакам, туку кога се „смрзнати“ доволно за да бидат тоа што треба. И кога конечно ќе дојдат – ќе ги препознаеш. По вкусот, по тишината во тебе, по тоа што конечно не мораш ништо да запишеш. Само седиш. Јадеш. И уживаш.

Мислата ја запишав на рака со сладоледот. Телефонот ми беше далеку на полнач, имав до мене само пенкало, не ми се стануваше да одам до телефон, ми беше страв да не ми се измени мислата, а уште пострашно ми беше да не ми се стопи сладоледот.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни