Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) најави дека ќе донесе одлука за започнување на штрајк во културата утре, поради проблеми со исплатата на мартовската плата за вработените во културните институции.
„Колективниот договор во културата е законски по сите основи“, истакнуваат од СКРМ, нагласувајќи дека се продолжува со практиката на незаконски решенија во културата. Според нив, денес директорите во институциите добиле насоки за изготвување на мартовската плата, кои се спротивни на Колективните договори.
„Направено е квази толкување на одредбите од Општиот колективен договор за јавен сектор. Направени се весели математики, а се со цел да се скрати од тоа што законски им следува на вработените“, објаснуваат од синдикатот.
Тие додаваат дека во насоките од Министерството за култура, кои се дадени без потпишан изготвувач, директорите се принудени да ги поништат старите решенија за плата и да изготват нови по даден терк, што резултира со тоа одредени поповолни права да бидат заменети со понеповолни.
СКРМ ја потврдува својата позиција со одлуките донесени на последниот Совет:
- „Кривични пријави до сите директори кои со нови решенија за пресметка на плата ќе им ги скратат правата на вработените согласно Колективните договори“.
- „Тужби за задоцнети плати“.
- „Тужби по сите основи доколку се исплати платата за месец март во спротивност со Колективните договори“.
Исто така, од СКРМ ги демантираат изјавите на министерот за култура Зоран Љутков, кој на телевизија Сител изјави дека „само во културата минималната плата изнесува 39 631 денари“. Според синдикатот, тоа е невистинито и незаконски, бидејќи овој начин на пресметка на плата го наметнало Министерството за култура во претходната година.
„Доколку пресметките за плата на вработените во културата беа во согласност со Колективните договори на начин кој е многу јасно утврден во одредбите, ова денес немаше да се случува“, додаваат од СКРМ.
Во врска со согласноста од Министерството за финансии, тие го повикуваат Министерството да ја прочита одлуката на Уставниот суд, објавена во Службен Весник на РСМ бр. 220 од 30.10.2024, која јасно посочува дека таква согласност не е потребна.
СКРМ најавува дека утре ќе испрати официјален допис со правно толкување во однос на насоките од Министерството за култура.