Синдикат на култура на Република Македонија (СКРМ) објави јавно соопштение во врска со случајот на првата обоистка на оркестарот на Национална опера и балет (НОБ), Татијана Петрушевска, која беше времено суспендирана по конфликт со диригентот Едуард Амбарцумјан за време на пробите за делото „Мадам Бовари“.
Во соопштението, кое СКРМ го објави интегрално, се наведува дека синдикатот внимателно ги следел сите јавни настапи и реакции поврзани со случајот, вклучувајќи ги и прес-конференциите на Петрушевска и директорот на НОБ, Оливер Арсовски, како и реакциите на уметниците од оркестарот.
СКРМ нагласува дека бил директно повикан да се вклучи во случајот, откако правниот тим утврдил сериозни и груби прекршувања на постапката, со елементи на непочитување на Законот за работни односи, Законот за култура и релевантните колективни договори. Синдикатот демантира дека постапувал самоволно или без основ, посочувајќи дека сите објавени документи се дел од активна и тековна постапка.
Дополнително, СКРМ укажува дека е прекршена синдикалната процедура, бидејќи реакцијата на синдикалната организација при Оркестарот на НОБ не била најпрво доставена до СКРМ, туку била објавена преку официјалната страница на институцијата, со содржина што, според синдикатот, создава погрешна и манипулативна слика за нивниот став.
Синдикатот посочува дека ниту една јавна позиција на СКРМ не е личен став, туку е донесена со согласност на Советот на СКРМ, највисокото одлучувачко тело во кое членуваат и претставници на Оркестарот при НОБ.
Во соопштението се проблематизира и самата мерка суспензија, при што се поставува прашањето како едно лице може формално „да не биде казнето“, а истовремено да му биде забранет влез во институцијата и да му биде намалена платата за 50 проценти. Според СКРМ, таквата пракса претставува правен апсурд и сериозно отстапување од добрите практики во трудовото право.
Синдикатот изразува загриженост и поради јавните изјави на директорот на институцијата во кои се навестува оставка на претседател на синдикалната организација, што, според СКРМ, претставува директно мешање во синдикалната автономија и кршење на домашните и меѓународните трудови стандарди.
Во таа насока, СКРМ очекува Министерство за култура да постапи во рамки на своите законски надлежности и активно да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права, наместо, како што наведуваат, да демонстрира институционална незаинтересираност.
„СКРМ нема да молчи пред самоволие, институционална незаинтересираност и кршење на законите. Молкот пред неправдата не е неутралност, туку соучесништво“, се наведува во соопштението, со порака дека синдикатот ќе продолжи решително да ги брани работничките и синдикалните права.
