Синдикатот за култура оди на протест по велигденските празници

Колективниот договор за култура е под сериозен удар, а Синдикатот на културата предупредува дека постапката пред Уставниот суд директно ги засега платите, правата и работната сигурност на културните работници.

Според Синдикатот на културата на Република Македонија, најавата за протест по велигденските празници и почетокот на постапката за организирање генерален штрајк во културата, најавен за мај, доаѓаат откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор за култура во целина, што, според СКРМ, претставува директен удар врз правата на културните работници.

Во реакцијата на синдикатот се наведува дека спорот околу Колективниот договор не е само правно прашање, туку прашање што директно ги засега платите, работната сигурност и достоинството на вработените во културата. Оттаму порачуваат дека револтот ќе го изразат на протест, а паралелно ќе ја отворат и постапката за генерален штрајк, како следен синдикален чекор.

Ова доаѓа по претходните остри обвинувања од СКРМ кон министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Во соопштение објавено пред седницата на Уставниот суд, синдикатот тврдеше дека наместо да застане зад Колективниот договор, министерот зад затворени врати работел против него. Според СКРМ, на владина седница биле доставувани пресметки за плати, судски одлуки и други материјали со цел договорот да се прикаже како спорен и неуставен.

Контекстот на целата постапка е предметот УЗ.бр.51/2025, кој се однесува на Колективниот договор за култура и на повеќе негови одредби. Во иницијативата, како што објави Трн.мк, се тврди дека делови од договорот не се во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор. Синдикатот, пак, оценува дека со отворањето на оваа постапка под знак прашалник се ставаат веќе стекнати работнички права во културниот сектор.

Дополнителна тежина на спорот му дава и фактот што министерот Љутков претходно јавно изјавуваше дека Колективниот договор е признаен и дека се обезбедени дополнителни средства за исплата на платите во културата. Токму затоа, од СКРМ сега велат дека постои сериозен јаз меѓу јавно кажаното и она што, според нив, се случувало институционално.

Со најавата за протест и генерален штрајк, културниот сектор влегува во нова фаза на притисок врз институциите. Прашањето повеќе не е само дали Колективниот договор ќе опстане, туку и дали државата ќе покаже подготвеност да застане зад работничките права во една област што со години предупредува на несигурност, потценетост и институционално игнорирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни